Сојузот на средношколци тврди дека во дел од средните училишта не се почитува постигнатиот договор за државна матура

Премиерот Зоран Заев и лидерот на средношколците Бленди Ходаи 18.02.2021 г. | фото: Влада на РСМ

Сојузот на средношколци испрати предупредување до премиерот Зоран Заев, министерката за образование и наука, Мила Царовска и директорката на Државниот испитен центар Наумовска, за како што велат, загриженоста околу непочитувањето на веќе постигнатиот договор за државната матура од страна на дел од средните училишта во земјава.

Како што информираат од Сојузот, прекршена била точката од договорот која се однесува на должноста на училиштата да ги споделат материјалите за интерните испити и банки на прашања, најдоцна три недели пред денот на испитот. Истовремено, тие да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања.

„Оваа точка на договорот е флагрантно прекршена од некои средни училишта во земјата. Матурантите го информираа Сојузот дека одредени професори од некои средни училишта изјавиле дека нема да почитуваат одредени точки во договорот постигнат меѓу нас. Ова е неприфатливо. Станува збор за следниве училишта: СОУ „Ѓорче Петров“, СОУ „Орде Чопела“, СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, СОУ „Јосип Броз Тито“ -Битола, СОУ „Др. Јован Калаузи“, СОУ „Св. Клименти Охридски“ – гимназија Охрид, СОУ „Никола Штејн-Тетово“ и СОУ „8-Септември-Тетово“ велат од Сојузот на средношколци.

Оттаму бараат од надлежните да интервенираат со цел сите средни училишта истовремено да го почитуваат и спроведуваат договорот, како и што било договорено на нивниот последен заеднички состанок одржан на 16 февруари 2021 година.

Оваа година државната матура ќе започне на 5 јуни, една недела подоцна од предвидениот термин на 29 мај. Учениците ќе полагаат два екстерни испити, а третиот испит ќе се трансформира во интерен.

Министерството за образование и наука минатиот месец го објави протоколот за постапување на средните училишта при реализација на испитите од државната матура.