fbpx

Собранието е најмалку транспарентно во финансиите

-

Финансиската транспарентност е најслаб сегмент во спектарот информации што македонското Собрание ги објавува на својата веб-страница, заклучува анализата на отвореноста на Собранието на „Метаморфозис“ спроведена во рамки на проектот „ActionSEE“. Индикаторите за отвореност во поглед на државниот буџет се зголемиле за 11 отсто, но изнесуваат само 38 отсто.

„Собранието има пракса да го објавува предлог буџетот на државата, но не и финално изгласаниот буџет или пак полугодишните извештаи за трошењето на буџетот, ниту завршната сметка“, се забележува во анализата, која забележува и на необјавување на Граѓански буџет и линк до интернет страницата на Државната комисија за спречување корупција.

Од собраниската служба потврдуваат дека не објавуваат полугодишни извештаи, но објаснуваат дека е пракса да се подговтуваат годишни извештаи. На страницата на Собранието се објавува планот за јавни набавки, а поединечните набавки можат да се видат на страницата на Бирото за јавни набавки, за што постои линк на собраниската страница.

Отвореноста во пристапот до информации се зголемила од 61 на 65 отсто, но аналитичарите, меѓу другото, забележуваат дека на интернет-страницата на Собранието не е посочено лице одговорно за пристап до информации од јавен карактер, ниту е ажурирана и објавена листата на информации од јавен карактер.

„Иницијативата за Отворено владино партнерство – Отворено собрание предвидува изработка на нова веб страница за надминување на овие состојби, но во овој процес од особено значење ќе биде успешното пренесување на историјата на веќе објавени информации на постојната веб страница“, се наведува во анализата

Недоволно споделени со јавноста се и содржините од работата на Собранието, документите од законодавниот процес, информациите за гласањето на пратенците…

Индикаторите за интеракција на Собранието со граѓаните бележат пад од 64 отсто на 47 отсто во последната година.

„Собранието покажува свесност за слабата интеракција со јавноста, недоволното пренесување на информации во јавноста за секојдневното работење на институцијата и недоволна присутност на социјалните мрежи. Собранието располага со можност за испраќање електронска пошта од страна на граѓаните до пратениците и претседателот на Собранието, но и понатаму нема специјален канал за доставување претставки, предлози и канал за е-петиција. Изработката на новата веб страница треба да биде насочена кон олеснување и видливост на каналите за комуникација со граѓаните и да ги поттикнува на нивно учество..“ заклучува анализата.

Во Собранието објаснуваат дека електронската петиција (е-петиција) не постои ниту во македонското, ниту во законодавството во земјите во регионот. Единсствени начини на предлагање на закони, нагласуваат во собраниската служба, е предлог од група пратеници, од Владата или од граѓани со собрани 10.000. За начиите на информирање на граѓаните за работата на Собранието, во парламентот велат дека таа состојба ќе се измени со реформата на собранискиот телевизиски канал, односно кога ќе биде ставено во функција студиото во зградата на македонското Собрание, што е планирано во проект кој се спроведува со Швајцарија и САД.

Според анкета цитирана во анализата, секој втор граѓанин не е запознаен со работата на Собранието, а за работата на пратениците граѓаните најчесто се информираат преку традиционалните медиуми. Само 3 отсто од јавноста се информира преку Собранискиот канал. Ниеден испитаник не одговорил дека се информира преку интернет страницата на Собранието.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...