Собранието на Северна Македонија на 82. собраниска седница денеска со огромно мнозинство ги ратификуваше протоколите за прием на Шведска и Финска во НАТО. Од регистрирани 120 пратеници, „За“ гласаа 103, вклучувајќи ги и најголем дел од пратениците на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, а „против“ гласале само двајцата пратеници на „Левица“.
Како што покажуваат податоците на Собранието на Република Северна Македонија, дел од регистрираните 120 пратеници од актуелниот собраниски состав не гласале, вклучувајќи ги потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и претседателот на Демократската партија на Србите (ДПСМ), Иван Стоиљковиќ. Исто така, не гласала и независната пратеничка Гордана Сиљановска Давкова, Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, но и пратеникот Диме Велковски од владејачкиот СДСМ.
Листите за гласање за двата предлог-закони за прием на Шведска и Финска во НАТО покажуваат дека пет пратеници од актуелниот состав ВМРО-ДПМНЕ не гласале, заедно со двајцата пратеника на Социјалистичката партија, двајца независни пратеника кои се дел од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, двајца пратеника на Алијансата за Албанците, двајца пратеника на СДСМ, еден пратеник на ДПА и еден пратеник на ДПСМ. Пратеникот од СДСМ, Миле Талески, кој е претседател на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, токму во моментите на гласање држел прес-конференција во Собранието.
Со гласањето, на кое беа присутни и претставници на дипломатскиот кор во земјава, Шведска и Финска се на чекор поблиску до полноправно членство во НАТО затоа што е потребно сите 30 членки да ги ратификуваат протоколите.