Фото: Мета.мк

ЕСМ Снабдување со топлина како наследник на БЕГ почна да ги испраќа месечните сметки за топлинска енергија за октомври. Сепак, досегашната можност да се платат сметките онлајн граѓаните засега ја немаат, така што за да платат сметка ќе треба да одат до пунктовите на ЕСМ Снабдување, во банка или пошта, а како други начини за плаќање засега може да се користи електронско банкарство со ПП30 налог или преку траен налог со склучен договор во банките.

Од ЕСМ денеска информираа дека интензивно се подготвуваат потрошувачите да ги имаат сите можности за плаќање како и претходно, како услугата “Брзо плаќање” и “EPAY” услугата за што велат дека дополнително ќе ја известат јавноста. Дотогаш, ова значи дека граѓаните кои плаќале онлајн ќе треба физички да отидат и да ги платат сметките за парно на некоја од локациите.

Износот на фактурите за топлинска енергија на потрошувачите кои плаќаат на 12 рати за октомври е ист со оние за август и септември.

Во периодот октомври-април кога се испорачува топлинска енергија, цената на ангажираната моќност и испорачаната топлинска енергија за домаќинствата е финансиски подржана од Буџетот на Р.Северна Македонија преку АД ЕСМ со одлука на Владата, со цел обезбедување на сигурност во снабдувањето со топлинска енергија во услови на постоење на кризна состојба.

Потрошувачите ги добија фактурите на ист начин како и претходно, односно оние кои ја користеле услугата „е-фактура“ фактурата ја добија во електронска форма на нивната меил адреса, додека останатите потрошувачи ја добија фактурaта во хартиена форма на својата адеса на живеење.

Од ЕСМ Снабдување потсетуваат дека секој потрошувач потребно е да склучи договор за снабдување со топлинска енергија заради регулирање на потрошувачкиот однос со снабдувачот, а тоа е утврдено во правилата за снабдување со топлинска енергија.

„Досега, во ЕСМ Снабдување склучени се околу 17.000 договори за снабдување со топлинска енергија со потрошувачите. Апелираме до нашите потрошувачи да продолжат да пристапуваат кон пунктовите и непосредно да ја регулираат својата правна обврска, а во однос на испораката на топлина до нивните домови и објекти информираме дека греењето непрекинато ќе се испорачува. Во следниот период, потрошувачите кои потпишале договор за снабдување со ЕСМ Снабдување ќе го добијат својот примерок од договорот со топлинска енергија на нивната адреса“, изјави денеска Александра Маројевиќ, помошник директор за производство од АД ЕСМ.

Таа ги повикува потрошувачите за сите прашања поврзани со нивната дејност и услуги, пријави на дефекти и рекламации за квалитетот на греењето, како и за достава на формуларот за е-фактура, да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.