Скопските граѓани се разбудија со предновогодишно загадување

Се забележуваат исклучително небезбедно високи нивоа на ПМ-10 честички во сите скопски региони, а и во голем број други македонски градови

Фото: Мета.мк

Скопјани утрово се разбудија на добро позната зимска глетка – градскиот пејзаж под „сможна“ прекривка. Нивото на концентрација на честички кои загадуваат повторно беше исклучително високо и над безбедните граници.

Според вчерашните мерења на концентрацијата на ПМ-10 честички, односно честички со дијаметар помал од 10 микрометри, на мерната станица Лисиче биле забележани 224 микрограми ПМ-10 честички на метар кубен. Тоа е повеќе од четири пати повисоко ниво на концентрација од дозволеното безбедно ниво, што изнесува 50 микрограми на метар кубен.

Во мерната станица Карпош биле забележани 181 микрограми ПМ-10 честички на метар кубен, во Центар 162 микограми на метар кубен, во Гази Баба 141 микрограми на метар кубен, во Ѓорче Петров 119 микрограми на метар кубен,  во Миладиновци 68 микрограми на метар кубен.

Надвор од Скопје, пак, исто така се забележуваат „жешки точки“ на загаденост во државата. Во Тетово се забележале 147 микрограми ПМ-10 честички на метар кубен, во Струмица 203 микрограми на метар кубен, во Прилеп 117 микрограми на метар кубен.

Кои мерки треба да ги почитуваат скопјани поради аерозагадувањето?

Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Министерството за здравство, се должни да им препорачаат на сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Исто така, се препорачува работодавците да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Во Скопје се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50% употребата на службените возила. Исто така, се задолжува да се обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и општините се должни да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници, како и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство ја задолжува Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до Институтот за јавно здравје за бројот на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина е должен да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите коишто поседуваат А – интегрирана дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија, со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – интегрирана дозвола за намалување на капацитетот на производство до 50%, со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите коишто произведуваат топлинска или електрична енергија.

Скопските општини и Градот Скопје се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините во делот на аерозагадувањето.