fbpx

Скопскиот буџет за 2024 пред советниците: Политикантство и по некој амандман

За време на самата седница, дел од амандманите од советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ поминаа на гласање, дел беа отфрлени и од градската администрација и со гласање од самите советници, но дел од амандманите на буџетот беа повлечени од самите советници

-

Советот на град Скопје денеска расправа за усвојувањето на градскиот буџет за 2024 година. Од ВМРО-ДПМНЕ уште на самиот почеток укажаа дека на седницата треба да биде присутна градоначалничката Данела Арсовска, генералниот секретар на градот Скопје и претставник на Секторот за финансии при градот Скопје.

По кратката пауза што ја даде претседателот на советот Трајко Славески за да дојде претставник на градската власт, расправата во Советот на град Скопје продолжи со присуство на претставник на Секторот за финансии на Градот Скопје, а присутен на седницата беше и заменик-градоначалникот на Арсовска, Александар Трајановски.

И покрај тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека Арсовска не присуствувала на седницата, попладнево градоначалничката Данела Арсовска објави пост на Фејсбук, во којшто спротивно на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, со фотографија потврди дека присуствувала на денешната седница на Советот на град Скопје.

Советничките групи од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Зелен хуман град реагираа во однос на градскиот буџет за наредната година уште пред почетокот на седницата. Од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најавија амандмани на буџетот, додека од Зелен хуман град преку соопштение појаснија дека го одбиваат градскиот буџет за 2024 поради тоа што за 46% биле намалени ставките за заштита на животната средина.

„Пред советниците на град Скопје е предлог буџетот за наредната година, во кој има програми со намалени износи и до 70% во однос на ланскиот износ. Советничката група на СДСМ и коалицијата ќе подготви и ќе предложи амандмани за подобрување на состојбите, на некои важни аспекти за град Скопје“, изјавија од советничката група на СДСМ пред седницата.

За време на самата седница, дел од амандманите од советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ поминаа на гласање, дел беа отфрлени и од градската администрација и со гласање од самите советници, но дел од амандманите на буџетот беа повлечени од самите советници.

Па така, од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа два амандмани за префрлање на средства од програмата за локален превоз на патници кои се наменети за скопскиот јавен превоз кон реализација на други проекти во 2024 година, како што е случајот со изведба на фотоволтаични централи на објекти, кои не се во сопственост на градот Скопје.

Од градската администрација не ги прифатија ваквите амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека особено амандманот што се однесува на фотоволтаичните централи е предвиден да се реализира на објекти кои не се во сопственост на градот Скопје.

Од градската администрација одговорија дека тие аплицирале преку Светската банка за заем за енергетска ефикасност, преку кој ќе се постават фотоволтаични централи во сите објекти во сопственост на град Скопје, со што го образложија неприфаќањето на овој предлог. Во делот на замената на системите за греење во автобазата на ЈСП-Скопје во Ѓорче Петров, од градот Скопје појаснија дека целокупната промена е предвидено да се направи со имплементацијата на проектот за брз автобуски превоз БРТ.

Заменикот-градоначалник Александар Трајановски им укажа на советниците дека со поднесувањето на двата амандмани се бараат пари од програмата за локален превоз на патници, кои се наменети за нормално функционирање на ЈСП-Скопје. Ако се скратат средства за јавниот превоз од буџетот за 2024 година, тогаш тоа може да доведе до негова нефункционалност или потешкотии за работа.

Амандманот преку гласање на советниците со 17 гласа „ЗА“ и со двајца воздржани не беше прифатен од Советот на град Скопје.

Особено внимание на седницата за буџетот за 2024 година имаше за амандманот од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои предложија издвојување на 2 милиони денари за да се обезбеди бесплатен паркинг за лицата со инвалидитет кои доаѓаат надвор од територијата на Град Скопје. На тој начин, на инвалидизираните лица од внатрешноста на земјава би им се овозможило бесплатно да се паркираат на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“.

Советникот Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека средствата се наменуваат во програмата за ЈП „Градски паркинг“, во делот за субвенции. Граѓаните во Скопје треба да имаат бесплатен паркинг како инвалиди, поради тоа што сите институции се наоѓаат во Скопје, а Македонија е „скопјецентрична“. Тој додаде дека станува збор за многу мала група на луѓе, а средствата се наменети само за да има потреба да се искористат за да се обезбеди бесплатниот паркинг за инвалидизираните лица од другите градови во земјава.

„На местото на кое ќе се стават средствата истите не може да се спроведат“, одговорија од Градот Скопје.

Заменик-градоначалникот Трајановски рече дека бесплатниот паркинг за инвалидизираните лица од другите градови веќе се реализира со нула денари поддршка од градскиот буџет, додавајќи дека 2 милиони денари не се системско решение за оваа категорија на луѓе и побара коректност од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за да го повлечат амандманот.

На крајот, овој амандман од советниците на ВМРО-ДПМНЕ не беше прифатен. За него гласаа само 14 советници од оваа коалиција, додека советниците од другите советнички групи гласаа воздржано (13 гласа) или воопшто не гласаа.

Уште еден амандман на ВМРО-ДПМНЕ што не беше изгласан од Советот на град Скопје беше за намалување на сумата од 100 милиони денари од програмата на системите за водоснабдување на 80 милиони денари, како би се решил проблемот со безбедноста на сообраќајот на улици во Ѓорче Петров.

Од градската администрација посочија дека средствата од 100 милиони денари се преземени обврски за изградба на водоводот за селото Копаница, предупредувајќи дека ако се усвои амандманот, ќе постои опасност да не се платат обврските кон изведувачот за изградба на проектот. Како алтернативно решение, Градот Скопје посочи дека постои сообраќаен проект за улицата „4 јули“, испратен е до полицијата за одобрување, по што би се реализирал од ЈП „Улици и патишта“. На крајот, со гласање на 15 советници „ЗА“ и двајца воздржани, овој амандман беше отфрлен.

Инаку, седницата на Советот на град Скопје продолжи и попладнево во тензична атмосфера, а советниците треба да го усвојат градскиот буџет до крајот на годинава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...