„Унитарна“, „федерална“, „кантонална“, „заедничка“, „единствена“, „конфедерална“, „мултиетничка“. Ова се термините и придавките што доминираат во наративот на политичките партии за Македонија во предизборниот и постизборниот период и во текот на политичката криза што произлезе од преговорите меѓу парламентарните партии за состав на нова влада.

Најголем дел од овие термини, сите политички партии, нивните лидери и претставници еднакво ги користат во своите јавни настапи, интервјуа, партиски соопштенија, но секој од различен аспект, интерес и потреба.

Унитарна

Овој термин го користат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ДУИ. Трите партии, ако се суди според ставовите и изјавите на нивните претставници, немаат никакви разлики околу тоа дека Македонија треба да остане унитарна држава.

Никола Груевски во мегаинтервјуто за интернет-изданието на неделникот „Република“: „Мојот став и ставот на ВМРО не е против Албанците, туку во правец на зачувување на целовитоста и унитарноста на државата“.

Петре Шилегов, пратеник на СДСМ: „Има програма на новата реформска влада за унитарна Македонија, во која ќе владее правото, ќе се почитуваат сите граѓани, ќе живеат квалитетно сите граѓани, а Македонија ќе напредува кон ЕУ и кон НАТО“.

Артан Груби, пратеник на ДУИ: „Сите точки од декларацијата се од програмите на партиите на Албанците и таа на ниеден начин не задира во унитарноста на државата“.

Федерална, федерализација

Овој термин најмногу го користи ВМРО-ДПМНЕ за да ги заплаши граѓаните и да го обвини СДСМ дека неговата политика заедно со платформата на албаските партии води кон федерализација. СДСМ и ДУИ јавно се декларираат против федерализација.

„Иднината на Република Македонија е сериозно загрозена од елементите содржани во тиранската платформа, кои водат кон редефинирање на Македонија и нејзино претворање од унитарна и мултиетничка држава, во бинационална држава со тенденција за федерализација“, цитат од едно од многуте соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ.

Кантонална, кантонизација

Како и „федерализација“, така и овој термин е катадневно присутен во изјавите и во соопштенијата од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ и ДУИ јавно се декларираа против каква било кантонизација.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати и нема да дозволи кантонизација и редефинирање на државата под било какви услови или било какви околности“, е четвртата точка од прогласот на ВМРО-ДПМНЕ, што Груевски го објави за време на протестите пред Државната изборна комисија (ДИК) на 17 декември 2016 година.

„Лагите на обвинетиот Груевски за наводни редефинирања, федерализации и кантонизации на државата се последица на стравот од соочување со правдата која доаѓа“, се вели во соопштение на СДСМ.

„ДУИ не се залага за кантонизација, за бинационалност или поделба на државата. Политичката декларација е направена во Скопје и таа е за европска Македонија за сите граѓани“, вели Артан Груби.

Заедничка

Овој термин го „брендираше“ граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која повеќе од еден месец протестира против платформата на албанските партии за унитарна држава, а против кантонизација и федерализација.

Единствена

Најчесто го користат ВМРО-ДПМНЕ и „За заедничка Македонија“, во пакет со терминот „унитарна“ Македонија.

Трите најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, како и по прашањето по унитарноста, така се единствени и за „единствена Македонија“.

Конфедерална

Овој термин исклучиво го користи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во контекст дека политиките на СДСМ и на платформата на албанските партии на крајот водат кон конфедерација.

„Ние немаме ништо против зголемување на правата на етничките заедници, вклучувајќи го и јазикот на Албанците во општините каде што се повеќе од 20 отсто. Но, имавме сериозни забелешки во однос на елементите што Македонија би ја редефинирале од мултиетничка во бинационална држава, која би се претворила во конфедерација“, вели Груевски за хрватскиот весник „Вечерњи лист“.

Мултиетничка

Терминот најмногу го користат претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и водачите на протестите „За заедничка Македонија“. Секогаш оди заедно со термините „унитарна“ и „заедничка“.

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, немаат разлики околу концептот што го означува овој термин.