Силната трговска размена крунисана со основање на Британска бизнис асоцијација во Скопје

Амбасадорот Метју Лосон спомена дека вкупната трговска размена на стоки и услуги меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство изнесувала  2,3 милијарди фунти во четирите изминати квартали, до крајот на првиот квартал на 2023 година

Велика Британија се наоѓа на втората позиција меѓу земјите со најголем обем на стокова размена што земјава ги има со странство, додека Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство на целиот Западен Балкан. Оваа силна трговска размена што ја имаат двете земји во изминативе години е крунисана со основањето на Британската бизнис асоцијација во Скопје.

На денешната прес-конференција по повод основањето на Британската бизнис асоцијација во Северна Македонија, присуствуваше и британскиот пратеникот Мартин Викерс, специјален претставник за трговски врски со Западен Балкан на премиерот Риши Сунак. Во обраќањето тој посочи дека неговата цел е да го поттикне и поддржи растот на деловните врски меѓу Обединетото Кралство и регионот.

Викерс изјави дека Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство на Западен Балкан, најмногу благодарение на присуството на фабриката за катализатори Џонсон Мети, која сочинува околу 16 отсто од БДП-то на земјава. Заедно со Џонсон Мети, основачи на новата Британска бизнис асоцијација во земјава се и рудникот Саса и Сопро.

Тој додаде дека Обединетото Кралство ги цени партнерствата во Западен Балкан, а доказ за тоа е фактот што Министерството за гарантирање на извозните кредити на Обединетото кралство, Агенцијата за кредитирање на извозот, неодамна значително ги зголемила ограничувањата за земјите, со што компаниите имаат пристап до 4 милијарди фунти помош кои се однесуваат само на Северна Македонија.

Мартин Викерс додаде дека Обединетото Кралство и Северна Македонија можат заедно да работат во иднина и на амбициозни инфраструктурни и енергетски проекти во вредност од над 4 милијарди евра, како во делот на проекти за обновување и проширување на железничката мрежа на Коридорите 8 и 10, така и во делот на изградба на нови гасоводни линии, но и капацитети за производство на електрична енергија преку развој на соларни и ветерни електрани, како и други инфраструктурни објекти. Викерс изјави дека дополнително ќе се зајакнат трговските врски меѓу двете земји.

„Оваа Асоцијација ќе има водечка улога во тоа и им благодарам на сите вклучени бизниси за нивната работа и посетеност на успешноста на оваа организација. Бизнис заедницата може да смета не само на мојата поддршка, туку и на поддршката на Владата на Обединетото Кралство во реализирањето на овој потенцијал“, рече Мартин Викерс.

Амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон рече дека отворањето на првата Британска бизнис асоцијација во земјава доаѓа во годината кога славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

„Британските бизниси застапуваат транспарентност, одржливост, иновација, соработка и партнерство. Целта на Британската бизнис асоцијација во Северна Македонија е да ги промовира овие вредности во рамките на македонското деловно опкружување, во тесна соработка со сите чинители“, изјави амбасадорот Лосон.

Тој додаде дека Асоцијацијата ќе го промовира развојот на човечките вештини и капацитети подеднакво за сите, ќе се одржува економската профитабилност и одржливост преку транспарентни и одговорни деловни практики и ќе ги подобри еколошките аспекти на водењето бизнис. Лосон посочи дека фокусот на Обединетото Кралство во земјава е на инфраструктурата, енергијата, рударството, одржливиот развој, здравството, безбедноста и одбраната.

Амбасадорот спомена и дека вкупната трговска размена на стоки и услуги меѓу двете земји изнесувала 2,3 милијарди фунти во четирите изминати квартали, до крајот на првиот квартал на 2023 година.

Боријан Борозанов, директор за производство за Европа во „Џонсон Мети“ изјави дека во земјава тие вработуваат речиси 1.000 луѓе, а една од три коли во Европа се со вградени катализатори произведени во земјава. „Џонсон Мети“ работи на трансфер на знаења кон средните стручни училишта во земјава, имале обезбедено поддршка на 40 студенти во текот на минатата година, а одработиле и 1.000 волонтерски денови за заедницата.

Ивица Талевски, директор за одржливост и заменик-генерален директор на Рудникот САСА изјави дека од ноември 2017 година до денес инвестирале околу 60 милиони американски долари во земјава, а во овој рудник за оловна и цинкова руда се вработени околу 760 лица.

На денешниот настан присуствуваше и Рајан Велманс, извршен директор и ко-основач на Сопро, којшто објасни дека во моментов вработуваат 200 професионалци во земјава и со задоволство ја прифатиле поканата за да учествуваат во основањето на новата Британска бизнис асоцијација.