fbpx

Шилегов: Во 2006 година власта ја добивте мирно и за два часа

-

По велигденскиот одмор од пет дена, пратениците во Собранието денеска се вратија да ја продолжат конститутивната седница по 13. пат. Точки на дневен ред веќе трета недела се изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања, како и изборот на претседател на Собранието.

Како и во изминатите 12 продолженија, пратениците дискутираа за сè освен за точките од дневниот ред. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно имаа реплики и контрареплики – најчесто напишани – кои ги читаа на собраниската говорница, додека пратениците на СДСМ, ДУИ и на Беса се јавуваа само со процедурални забелешки.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека проблемот не е во насловот на платформата на албанските партии туку дека е во тоа што со тој документ се бара повторно преговарање за Охридскиот мировен рамковен договор во кој прецизно е дефинирана употребата на албанскиот јазик во Македонија.

Петре Шилегов од СДСМ преку процедурална забелешка рече дека ВМРО-ДПМНЕ се преставуваат како најголеми борци за Македонија, а всушност сакаат да се спасат од криминалното владеење.

– Всушност, вие сте најголемите борци против Македонија и македонштината. Вие сте структура која поддржува човек што го урниса уставниот поредок на Македонија. Полни ви се устите со Македонија. Да ја сакавте толку, немаше толку немилосрдно да ја пљачкате без усул. Да бевте малку патриоти, ќе имавте визија за нејзината иднина. Вие имате една единствена цел, а тоа е како себе да се спасите од криминалното владеење во изминатите 10 години. Не е страшно по 10 години да замините во опозиција и не е страшно да осетите како е да има владеење на правото. Престанете со лаги и со манипулации. За вас е нормално да се крши Уставот, а нас нè обвинувате дека го кршиме Уставот. Во 2006 година мирното предавање на власта го добивте за два часа. Што се замислувате дека сте вие? Вие сте срам за Македонија – рече Шилегов.

На ова, со процедурална забелешка се јави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Муковски, кој рече дека пратениците на СДСМ треба да се осмелат да излезат и да кажат дека ја прифатиле платформата, па со неа да излезат на избори.

Најстариот пратеник во Собранието, Бранко Маноиловски од ДУИ, ги повика сите да работат во корист на Македонија и порача дека одолжувањето на процесите не е добро за никого.

Претседавачот со конститутивната седница, поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, како и досега, точно во 18 часот ја прекина седницата и го закажа нејзиното продолжение за утре во 11 часот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...