Граѓаните ќе можат за гранките, сувите треви, плевелите и за другиот отпад кои досега ги палеле бидејќи немало друг начин да се ослободат од него, да се обратат до Градот Скопје за да се тргне од нивните ниви, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Тој истакна дека од денес па до 30 септември граѓаните ќе можат да побараат од Градот Скопје бесплатно отстранување на отпадот од нивните ниви.

Скопскиот градоначалник ги повика сите земјоделци од сите скопски општини да пријават на телефонот 071 395 395 секој работен ден од 8 наутро до 20 часот и ќе бидат известени кога тој смет ќе се подигне и ќе го депонира во Дрисла.

– Досега бевме сведоци дека тој отпад се палеше што сериозно го загадуваше воздухот во Скопје, а како што видовме предизвика и пожари во околината на Скопје. Палењето, дополнително, го уништува и биодиверзитетот бидејќи огнот го уништува и растителниот и животинскиот свет – истакна Шилегов.

Оваа активност на Градот се изведува во соработка со јавните претпријатија и УНДП и таа е дел од кампањата за укажување на штетните последици од палењето на стрништата на нивите.

– Палењето стрништа е казниво по закон, но досега тие не се санкционирани бидејќи на земјоделците не им био понудено решение за одлагање на сметот – рече Шилегов и најави дека Инспекторатот на Град Скопје со дронско снимање ќе може многу лесно да утврди на чиј имот и кој е тој што ги пали стрништата.

Зборувајќи за чекорите на Градот на стартот на грејната сезона, Шилегов рече дека очекува оваа грејна сезона Градски енергетски системи да биде оперативен со својата мрежа, но и дека со ланскиот систем ги елиминирале огновите на отворено. На прашањето зошто тврди дека огновите на отворено на подрачјето на Скопје се решен проблем кога и летово бевме сведоци на повеќе случаи на отровен чад кој се креваше најчесто од веќе познатите локации, како на пример под Кале или на депонијата Вардариште, Шилегов одговори „Јас нема да го дозволам тоа. Во координација сме со Министерството за труд и социјална политика и со социјалните служби на тие луѓе таму да им се најде друго сместување и кога ќе стане премногу критично нема да дозволиме да егзистираат повеќе тие диви населби“.