„Македонија останува на дното во регионот по директни странски инвестиции. Во 2016 година инвестициите изнесуваат само 122,92 милиони евра“, обвини денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Тој праша каде се осумте милијарди евра странски директни инвестиции што ги најавувал Никола Груевски.
– Груевски мора да одговара за сè, па и за милионите евра народни пари што ги троши, за 32 економски промотори и за туристичките патувачки шоуа без никаков ефект. Преплатените 32 економски промотори црпат пари од неограничени буџети и се во ранг на први секретари со статус на дипломати и никому не одговараат за сработеното. Само еднаш месечно испорачуваат извештај за своето работење до Министерството за надворешни работи. За економски промотори Никола Груевски вдоми послушни партиски кадри. Најскандалозно е дека и ќерката на претседателот на Судскиот совет и верен послушник на ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Ушковски, е вработена како економски промотор. Економскиот промотор на нашата земја во Индија, Тони Атанасовски, беше унапреден во амбасадор на оваа земја. Најверојатно поради неверојатниот успех што го направи со инвестициите на Субарата Рој – рече Шилегов.
Тој додаде дека дури и Иванов и Народната банка неколкупати предупредиле дека патувањата се безуспешни.
Според Шилегов, на странските инвеститори поважно им е дали Македонија е правна држава отколку дали над владата лета цепелин со порака „Инвест ин Маседониа“.
– На странските инвеститори поважно им е дали некој ќе ги остави да работат без да ги рекетира, отколку дали Владата ќе дели македонски пасоши на затвореници од калибарот на Субрата Рој – изјави Шилегов.