По 143 години од воведувањето на железничкиот сообраќај во Македонија, од овој месец, нашата земја остана без редовните меѓународни линии, обвини денеска Благој Бочварски од СДСМ на прес-конференција.
– Ова се случува поради реконструкција на пругата Ниш-Прешево, но македонските возови немаат никаква алтернатива за излез од државата. Железничкиот сообраќај е целосно парализиран, а „Македонски железници“ ќе се соочат со милионски загуби. Иако помпезно се најавуваше, за 10 години не се изгради ниту пругата кон Бугарија. Почната е само првата од трите делници, од Куманово до Бељаковце и се реализирани само 5 отсто од работите. Не се електрифицираше ниту пругата кон Косово, која во овој момент треба да биде алтернатива за излез на север. На југ не е изградена пругата кон Грција преку Битола. Беше ветено дека ќе се изгради до март 2016 година, но проектот доцни и до денеска е со реализација од само 30 отсто – рече Бочварски.
Тој додаде и дека приходите од товарниот превоз се намалени, од 30 милиони евра во 2007 година на 11 милиони евра во 2015 година.