Шаќири: Од октомври 300 студенти ќе престојуваат во новиот студентски дом во Тетово

Според министерот, опремата во домот се поставува според планот, па тој очекува до крајот на септември работата на домот да заврши

фото: Јетон Шаќири / Фејсбук

Студентите на Универзитетот во Тетово од академската 2023/2024 година ќе може да престојуваат во нивниот нов студентски дом. Ова денеска го напиша министерот за образование и наука Јетон Шаќири на неговата страница на Фејсбук.

Според Шаќири, овој студентски дом „веќе фигурира на листата на државните студентски домови како ДСД Тетово каде студентите аплицираат онлајн“.

Меѓутоа, во конкурсот за сместување на студенти во државните и приватните студентски домови за учебната 2023/2024 година што МОН го објави минатиот месец, студентски дом со вакво име не е наведен меѓу сместувачките објекти.

Единствен студентски дом во Тетово кој во моментов е наведен во конкурсот е ПСД УЈИЕ – Тетово – приватниот студентски дом за сместување на студенти на Универзитетот на Југоисточна Европа.

фото: исечок од Конкурсот објавен на интернет-страницата на МОН

Истовремено, рокот за аплицирање за сместување во студентските домови за студентите од втора и повисоките години заврши на 31 јули, додека за бруцошите апликациите ќе бидат отворени на 1 септември.

Според Шаќири, опремата во домот се поставува според планот, па тој очекува до крајот на септември работата на домот да заврши.

„По предвидената динамика, на 1 октомври престојот на 300 студенти ќе биде реалност во најсовремени можни услови кои може да ги има еден студентски дом кај нас“, пишува Шаќири.