Шаќири: Градиме медиумски писмени ученички генерации кои знаат да препознаваат лажни вести

На денешната панел дискусија „Вклучување на медиумската писменост во основното образование – искуства и предизвици“, министерот рече дека се прават напори за создавање добро подготвени ученички генерации кои ќе знаат да препознаваат вистински и лажни информации

Фото: Министерство за образование и наука

Кога имате милиони извори на информации и тоа особено на интернет, каде учениците, како и сите ние, минуваат добар дел од дневното време, мора да научите да анализирате и да препознавате кои се точни и вистински вести, а кои се лажни информации и шпекулации со скриени намери. За тоа, најмногу можат да помогнат наставниците, а тие пак, треба да имаат конкретни насоки и материјали за работа. И токму тоа го правиме, етапно како што предвидува реформата на основното образование. Во наставните програми од прво до шесто одделение веќе воведовме содржини поврзани со медиумската писменост, а организирани се бројни обуки за наставниците поврзани со медиумската писменост и ефектот е добар.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната панел дискусија „Вклучување на медиумската писменост во основното образование – искуства и предизвици“.

Тој изрази благодарност до сите кои се дел од проектот кој, како што рече, ги надополнува институционалните напори за создавање добро подготвени ученички генерации кои ќе знаат да препознаваат вистински и лажни информации. Посочи дека медиумската писменост станува сè поважна вештина која младите мора да ја поседуваат, исто како и писменоста за читање и пишување.

„Од денеска имаме и конкретна Рамка за медиумска писменост. Посакувам успешна имплементација и постигнување на целите кои истата ги дефинира. Претходно се изготви прирачник за медиумска писменост за родители и старатели, како и речник за медиумска писменост. Што значи, како расте предизвикот да се препознаваат и селектираат точни информации, така ние сме сè повеќе и подобро подготвени за да одговориме на истиот и да, да речам да победиме во битката против лажните вести“, додаде Шаќири.

Панел дискусијата беше организирана во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведуваат ИРЕКС и локалните партнери Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.