фото: МТСП

Министерката за труд и социјална политика смета дека поддршка на компаниите за зачувување на работните места и помошта за најранливите категории граѓани за полесно пребродување на кризата, биле зачувани како врвни приоритети на Владата.

„Со тоа, се успеа да се задржи економската стабилност во државата и да се спречи губењето на работни места“, истакна Шахпаска на соноќешната 109-та сесија на Меѓународната конференција на трудот во Женева, што ја организираше Меѓународната организација на трудот (МОТ), на која таа ги сподели искуствата на земјава во справувањето со пандемијата и последиците предизвикани од неа.

„Креиравме шест пакети на економски мерки во консултација со социјалните партнери. Тие беа така подготвени, да одговорат на суштинските потреби на компаниите, водејќи сметка за почитување на работничките права. Економско социјалниот совет, како трипартитно тело од претставници на работниците, работодавачите и Владата, беше клучното низ кое се доуредија шесте пакети мерки, вредни една милијарда двесте и шеесет милиони евра“, рече Шахпаска.

МОТ е единствената трипартитна агенција на ООН, од 1919 година, и ги обединува владите, работодавачите и работниците од 187 земји-членки. Главните цели на МОТ се промовирање на работничките права, поттикнување на пристојни можности за вработување, зајакнување на социјалната заштита и зајакнување на социјалниот дијалог.