fbpx

Климатските промени не се нова „пландемија“, туку реалност и научно се докажани

Научниците алармираат дека климатските промени сè уште се најголемата закана за човековото здравје забележана во историјата. Голем број студии докажаа дека тие дирекно влијаат врз човековото здравје. Климатските промени не се „пландемија“, како што тврдат теоретичарите на заговор, туку реалност

-

Климатските промени беа во фокусот на Светскиот економски форум (СЕФ) во 2021 година, но тие се високо на агендата и во последниве години и тука нема ништо спорно. Наспроти тврдењата во објавата што се шири на Фејсбук, климатските промени не се лага, ниту „пландемија“, ниту теорија на заговор. Глобалното затоплување и климатските промени се научно докажани – и тоа уште многу одамна. Истражувачите откриле дека климатските промени започнале пред повеќе од 180 години, на почетокот на Индустриската револуција. Научници од 195 земји тврдат дека има сè поголеми докази за временските екстреми, како што се топлотни бранови, обилни врнежи, суши и тропски циклони, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава  на социјалната мрежа Фејсбук, во која  сосема паушално се тврди дека климатските промени се следната „пландемија“.

Во објавата пишува:

Пред 2г. најавив за следната ПЛАНдемија – Климатските промени.

2г.подоцна, протестите на земјоделците во ЕУ против глобалистите е доказ дека АГЕНДАТА е веке во функција.

Ова е само почеток…

Во објавата се споделува видео од пред две години во кое се тврди дека лидерите на Светскиот економски форум ја креирале ковид пандемијата и дека следната криза со која ќе се соочи светот се климатските промени, кои во стилот на теоретичарите на заговор се нарекуваат „пландемија“.

Климатските промени беа во фокусот на Светскиот економски форум (СЕФ) во 2021 година, а основачот на СЕФ, Клаус Шваб навистина говореше за тоа дека климатските промени се следната закана на светот.

И наспроти тврдењата во објавата што се шири на Фејсбук, климатските промени не се лага, ниту „пландемија“, ниту теорија на заговор. Тие се реалност.

Во текот на 4,5 милијарди годишната историја на Земјата, климата многу се промени. Но, брзото затоплување што го гледаме сега не може да се објасни со природните циклуси на затоплување и ладење. Видот на промените што вообичаено би се случиле во текот на стотици илјади години се случуваат со децении.

Глобалните температури сега се на највисоко ниво откако почнале да се мерат. Всушност, од 2001 година се случиле 17 од 18 -те најтопли години досега.

Ова многу побрзо затоплување кореспондира со нивоата на јаглерод диоксид во атмосферата, кои се зголемуваат од индустриската револуција, пишува на веб-страницата на WWF – UK,  глобална организација за заштита на животната средина.

Климатските промени секогаш биле високо на агендата на СЕФ, тоа се случи и на состанокот годинава, на кој беше констатирано дека тие се еден од најголемите ризици со кои се соочува светот во следната деценија:

Климатската криза е на врвот на листата на форумот за најголеми ризици во следната деценија – владите и деловните лидери се соочуваат со некои монументални предизвици. Само минатата недела, Службата за климатски промени на ЕУ, „Коперник“ откри дека 2023 година била најтоплата година во историјата со големи импликации за одржување на глобалното затоплување под 1,5 степени Целзиусови.

Според СЕФ, климатските промени се еден од најголемите ризици за човештвото, при што меѓу најтешките закани во следните 10 години се еколошки. Тоа вклучува екстремни временски настани, критични промени во системите на Земјата, губење на биолошката разновидност и колапс на екосистемот и недостиг на природни ресурси. Две третини од 1.400 глобални експерти кои биле анкетирани биле загрижени за екстремните временски настани во 2024 година.

Според Светската здравствена организација (СЗО), речиси 4 милијарди луѓе веќе живеат во области кои се многу ранливи на климатските промени. И ова се очекува да доведе до околу 250.000 дополнителни смртни случаи годишно помеѓу 2030 и 2050 година, само од недоволна исхранетост, маларија, дијареа и топлотен стрес.

Климатските промени претставуваат фундаментална закана за здравјето на луѓето. Тоа влијае на физичката средина, како и на сите аспекти на природните и човечките системи – вклучувајќи ги социјалните и економските услови и функционирањето на здравствените системи. Климатските промени директно придонесуваат за хуманитарни итни случаи од топлотни бранови, шумски пожари, поплави, тропски бури и урагани и тие се зголемуваат по обем, фреквенција и интензитет, информираат од СЗО.

Според СЗО климатските промени влијаат на здравјето на огромен број начини, вклучително и со тоа што доведува до смрт и болест од сè почестите екстремни временски настани, како што се топлотни бранови, бури и поплави, нарушување на системите за храна, зголемување на зоонози и храна, вода и вектори – преносливи болести и проблеми со менталното здравје.

Научниците алармираат дека климатските промени сè уште се најголемата закана за човековото здравје забележана во историјата. Голем број студии докажаа дека тие дирекно влијаат врз човековото здравје.

Климатските промени не се „пландемија“, како што тврдат теоретичарите на заговор, туку реалност.

Ширум светот, човековите права се тешко погодени и прекршени како последица на климатските промени. Ова го вклучува правото на живот, здравје, храна, развој, самоопределување, вода, канализација, соодветно домување, работа, заштита од насилство, сексуална експлоатација, трговија со луѓе и ропство, вели Иан Фрај, специјален известувач на ОН за промоција и заштита. за човековите права во контекст на климатските промени, во извештај до Генералното собрание.

Широко се распространети наративите исполнети со заговор кои го отфрлаат постоењето, но и антропогените фактори кои влијаат на климатските промени. Во едно неодамнешно меѓународно истражување, во просек, околу 17 отсто од испитаниците ја сметале теоријата на заговор дека климатските промени се измама, за вистинита.

Наспроти ваквите гледишта, глобалното затоплување и климатските промени се научно докажани – и тоа со децении наназад. Всушност, истражувачите откриле дека климатските промени започнале пред повеќе од 180 години,  на почетокот на Индустриската револуција. Во Извештајот за проценка на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), научници од 195 земји пишуваат дека има сè поголеми докази за временските екстреми, како што се топлотни бранови, обилни врнежи, суши и тропски циклони. Дополнително, тие нашле доказ за човечкото влијание во глобалното затоплување.

За нивните светски климатски извештаи, експертите анализираат десетици илјади студии. Панелот изјави во 1995 година: „Билансот на докази сугерира забележливо човечко влијание врз глобалната клима“.

Националната климатска проценка за 2018 година – подготвена од Американската програма за истражување на глобалните промени, која вклучува 13 федерални оддели и агенции – наведува дека „глобалната просечна температура се зголемила за околу 1,8 ° F од 1901 до 2016 година, а доказите за набљудување не поддржуваат никакви веродостојни природни објаснувања за оваа количина на затоплување; Наместо тоа, доказите постојано укажуваат на човечките активности, особено на емисиите на стакленички или гасови што ја задржуваат топлината, како доминантна причина“, пишуваат проверувачите на факти на FactCheck.org.

Во однос на протестите на земјоделците во ЕУ, околу половина од земјите членки на ЕУ во последните недели се соочија со протести на земјоделците против националната и европската аграрна политика, иако од различни причини. Во Германија земјоделците се бунат против планираното намалување на субвенциите за дизел. Во Полска и други источноевропски земји земјодлците ги блокираат патиштата и граничните премини со желба да спречат увоз на евтини производи од Украина. Европскиот сојуз на земјоделци, КОПА, бара ублажување на прописите за заштита на природната средина, намалување на бирократијата и комплицираните правила на земјоделската политика на ЕУ, како и подобри услови во меѓународната пазарна конкуренција. Но, сето ова воопшто не значи дека „тие се борат против измислените климатските промени“, како што се тврди во објавата што ја рецензираме.

Со оглед на горенаведените факти оваа објава ја оценуваме како невистина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...