Сè уште не се знае која фирма и кога ќе го чисти линданот од ОХИС

Фото: Архива на Мета.мк

Сè уште не се знае која компанија ќе го чисти токсичниот линдан од малата депонија во ОХИС, ниту пак кога ќе започнат и колку време ќе траат работите на терен. Според информациите од Министерството за животна средина и просторно планирање, тендерот за избор на фирма сè уште не е финализиран, иако според првичните најави компанијата требаше да биде позната уште во март.

Пандемијата на „ковид-19“ и затворањето на границите во Европа не го стопираше, но го забави процесот на евалуација на пристигнатите понуди и ја одложи одлуката која треба да ја донесе Комисијата формирана од претставници на Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации, УНИДО со седиште во Виена, министерството и странски експерти. Во меѓувреме, министерот Насер Нуредини пред два месеци најави дека и покрај актуелната ситуација очекува конечното решение на Комисијата да се знае до крајот на мај.

„Изборот на изведувач на чистењето на малата депонија во ОХИС сè уште не е завршен од страна на УНИДО“, кусо одговорија од Министерството за животна средина, без детали дали е извесно дека постапката набрзо ќе заврши.

Јавната набавка за малата депонија насловена како „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“, беше распишана во октомври минатата година, а средствата за реализација се обезбедени преку ГЕФ и УНИДО и владите на Северна Македонија и Норвешка. Рокот за чистење на малата депонија на токсичниот линдан во дворот на ОХИС истекува на крајот на следната година, а третманот на малата депонија може да трае помеѓу 18 месеци и три години, што значи дека е извесно дека роковите ќе бидат пробиени.

Чистењето на малата депонија е само првиот чекор кон решавањето на деценискиот проблем со оваа жешка еколошка точка. Се претпоставува дека малата депонија има околу 13.000 тони линдан покриени со 20.000 тони земја, која исто така е контаминирана и самата мора да се третира како опасен отпад. Линданот е инсектицид кој се произведувал во скопската фабрика и со кој во минатото се третирала почвата и дрвјата како заштита од паразити. Над четири децении е строго забранета неговата употреба заради екстремна токсичност. И покрај тоа што како канцерогена супстанца се сврзува со ПМ-10 честичките и го загадува воздухот, линданот сите овие години несоодветно се чува заради што предизвика екстремно загадување на воздухот, почвата и подземните води.

Во дворот на ОХИС, непосредно до малата се наоѓа уште поголема депонија на линдан, а во двете се претпоставува дека се складирани околу 55.000 тони отпад во вид на прав и паста од некогашното производство на линдан. Освен линданот, кој е гама изомер на ХЦХ, во депониите има и алфа, бета и делта изомери на ХЦХ- хексахлороциклохексан, кои се високо-токсични супстанци кои можат да предизвикаат и карцином.

Во поново време се претпоставува дека постојат уште две жаришта на линдан, едното во дворот на ОХИС, а четвртата депонија е во месноста „Пеленица“ кај Драчево. Заради тоа што локалитетот е познато излетничко место во кое се одржуваа и училишни екскурзии, минатата година локацијата беше оградена и пристапот е забранет. Освен линданот, еколошката бомба од ОХИС на жителите на Скопје и околината им се заканува и со други хемикалии како жива, пестициди, киселини и ПВЦ во прав, хербициди, фунгициди, полиакрил, естери и многу други супстанци.