Се расчистува просторот во „Треска“, следува ли бетонизацијата и на овој дел од градот?

Фото: Општина Центар

Сопствениците на земјиште во кругот на некогашната фабрика „Треска“ започнаа со расчистување на старите објекти. Според градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски до општината пристигнале 36 барања за издавање решенија за отстранување од кои одобрени се 13. Чистењето на просторот ќе го вршат самите сопственици и ќе се одвива во неколку фази.

Герасимовски вели дека по пожарот пред пет месеци локацијата е претворена во нелегална депонија во срцето на општина и градот. Според него, голем дел од објектите имале и азбест кој негативно влијаел врз здравјето на граѓаните.

Според Герасимовски, во Треска имало 40.000 квадратни метри азбестен кров, а сопствениците на објектите ангажирале приватна компанија за надзор која ќе давала логистика за безбедно отстранување на азбестот, шутот и ѓубрето.

Фото: Општина Центар

„За сето тоа време тие ќе бидат под надзор на инспекциските служби за животна средина од Општина Центар“, рече Герасимовски.

Но, откако ќе се исчисти просторот, како што најави градоначалникот, ќе се срушат и објектите кои се таму.

Герасимовски побара институциите да донесат регулациски план за ДУП Градска четврт 3, кој неколку години е во процедура во Градот Скопје, за одвојување и донесување на план само за просторот кај фабриката.

„Со носењето на овој план значително би се олеснила процедурата за одвојување и донесување на план само за просторот кај фабриката Треска, со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот“, рече Герасимовски.

Според него, на тој начин ќе се решел „еден голем проблем за простор“ кој долги години бил „руиниран и запуштен“.

Просторот на некогашната фабрика за мебел веќе подолго време е предмет на дискусии во јавноста. Граѓаните и еколошките активисти бараат хуман пристап во урбанизацијата на просторот и избегнување на практиката на бетонизација. Во април голем пожар ги зафати халите на Треска, што беше втор во временски период од неколку месеци. Плацот е дел од нов ДУП, за кој сè уште се провлекуваат контроверзи, што за активистите од општината претставуваше аларм дека пожарот можеби е подметнат и побараа да се испита какви материи се чуваат на оваа локација.

Гори поранешната фабрика „Треска“, голем облак чад се издигна над Скопје [Галерија]