fbpx

Сè повеќе угинати животни, сè помалку одговори од скопската Зоолошка градина

Продолжува молкот и нетранспарентноста од Зоолошката граница околу околностите за настапувањето на смртта на поголем број угинати животни. По трагичната смрт на Флопи, освен оскудно соопштение од зоолошката, нема никаков знак од в.д. директорот Зоран Попов кој ѝ должи одговори на јавноста

-

За само половина година, во скопската зоолошка градинка угинаа две жирафи – Каспер и Флопи (која угина вчера), а само неколку часа по смртта на нејзиниот негувател Ристе Трајковски, кој беше познат во јавноста по неговата блиска врска со овие животни.

Вработените во скопската ЗОО на социјалните мрежи изјавуваат дека вчерашниот ден бил еден од најтажните, но и ден кој поттикна многу прашања, за кои изостануваат одговори и објаснувања. Директорот на Зоолошката градина, Зоран Попов, веќе втор ден не одговара на нашите повици, а од установата не одговорија ниту на нашите писмени прашања – од кои причини починала жирафата Флопи, дали била прегледана, која е причината за смртта на другата жирафа, колку животни угинаа во последниве неколку години во ЗОО Скопје? Наместо одговори, од скопската Зоолошка градина испратија соопштение во кое се вели дека „вработените дале сè од себе за да ја спасат жирафата“.

„И покрај сите максимални напори, Флопи замина на небото заедно со нашиот Ристе. Ве молиме да го имате предвид тагувањето на сите вработени во овој момент, ова е голема трагедија и шок за сите нас. Законските процедури и постапки се запазени и се во тек, штом имаме официјални резултати од обдукцијата на Флопи, веднаш ќе биде известена целата јавност“, се вели во соопштението.

Пред да замине Флопи, во мај годинава угина и жирафата Каспер. Иако во соопштението за нејзината смрт од скопската Зоолошката градина изјавија оти ќе ги објават наодите на обдукцијата, од зоолошката сè уште нема официјално соопштение за деталите. Се дозна дека жирафата умрела од „салмонела“ преку наоди на новинската агенција Макфакс.

Во јули годинава, пак, пцовисаа три пржевалскиеви коња во скопската зоолошка градина, исклучително ретка и скапа раса која потекнува од Монголија, кои живееле во австриски национален парк пред да бидат донесени во Скопје преку донација од македонска фирми. Коњите угинаа во рок од 24 часа. По извршеното вештачење, Зоолошката градина објави дека монголските коњи биле отруени со брзоделувачки отров. Иако во соопштението се велеше дека ќе бидат испитани снимките од камерите во градината за да се открие сторителот на труењето, сè уште нема никакви информации за тоа кој го ги отрул коњите.

Продолжува молкот и нетранспарентноста од Зоолошката граница околу околностите за настапувањето на смртта на поголем број угинати животни. По трагичната смрт на Флопи, освен оскудно соопштение од зоолошката, нема никаков знак од в.д. директорот Зоран Попов кој ѝ должи одговори на јавноста.

Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ реагираше за смртта на Флопи, повикувајќи да престане внесувањето нови животни во зоолошката и алармирајќи на крајно загрижувачката состојба.

„Што се случува со ЗОО Скопје, кој ја мониторира здравствената состојба и ја гарантира безбедноста на животните, се откри ли кој ги отру и уби ретките коњи пред неколку месеци; која е причината што вчера почина и жирафата Флопи?!“, се вели во реакцијата на Анима Мунди.

Инаку, и по случајот со трите отруени коња, Анима Мунди бараше надворешна истрага како и потврда од зоолошката градина „дали и колку од ветеринарните лица во ЗОО Скопје се доктори специјалисти за лекување на диви животни, доколку такви воопшто има“.

Директорот на ЗОО Скопје до 2021 година Ѓорѓи Галетановски, кој ја воздигна Зоолошката градина и под чие раководство оваа установа доби статус на кандидат за член на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА), за Мета.мк изјави дека е крајно разочаран од состојбата на градината.

„Таму нешто се случува и мора да се дознае вистината. Загубите што ги трпи скопската ЗОО се огромни. Отидоа многу капитални животни, а не можат веќе да се набават  такви животни. Флопи беше живо битие, животно што значеше на многу деца и беше поврзано со многу луѓе“, вели Галетановски.

Како што посочи претходниот директор, ЗОО Скопје веќе нема право на размена на животни со други европски зоолошки градини. Скопската зоолошка градина во јуни го изгуби својот кандидатски статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Таа сега нема право на никакви соработки со други зоолошки-членки и зоолошки-кандидати, ниту пак има право повторно да аплицира за статус во текот на следните 8 години.

И за ова, в.д. директорот Зоран Попов повторно не беше транспарентен во однос на причините на загубата на кандидатскиот статус. „Сакам да кажам“ известија според „неофицијални, но добро информирани, извори“ оти причините вклучувале „прекин на комуникацијата со ЕАЗА во изминатиот период, 2-годишна стагнација на Зоолошката, неизградениот аквариум и честото менување директори“.

Имено, откако Галетановски даде отказ во 2021 година, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска има поставено три различни директори. Првиот, Кристијан Стаменов, беше разрешен откако во јули 2022 година, откако Вистиномер го разобличи колењето коњи во зоолошката за храна за месојадните животни.

По разрешувањето на Стаменов за в.д. директор беше назначен Драган Илиевски. И тој потоа беше разрешен бидејќи не бил избран од редот на вработените, што е услов за позицијата според статутот на скопската Зоолошка градина. По разрешувањето, тој беше назначен како генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“, а за директор на Зоолошката градина беше поставен актуелниот, Зоран Попов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека нападот на Рафах ќе се случи со или без договор

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе започне воена инвазија на градот Рафах во јужниот дел на Газа без оглед на преговорите за примирје со Хамас, пишува Би-би-си. Oва...