Се одржа вториот ден од Форумот за родово одговорно буџетирање

На настанот беше отворена дискусија за развој на методолошки идеи за родово-одговорно буџетирање за подобро информирање за активностите за ублажување и адаптација на климатските промени, како и важноста од вклучување родовата перспектива во политиките и буџетирањето за национален, регионален и локален развој

фото: "Going Glocal: Родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Молдавија",

Се одржа вториот ден од дводневниот Форум за родово одговорно буџетирање, наречен „Going Glocal: Родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Молдавија”.

На настанот беше отворена дискусија за развој на методолошки идеи за родово-одговорно буџетирање за подобро информирање за активностите за ублажување и адаптација на климатските промени, како и важноста од вклучување родовата перспектива во политиките и буџетирањето за национален, регионален и локален развој.

На темата беа одржани 4 панел дискусии, од кои првата панел дискусија започна со прашањето „Дали се трудиме да го намалиме родовиот јаз или да го зголемиме?”. Преставник на општинскиот менаџмент на Барселона и претставничка од одделението за родово буџетирање на Виена презентираа искуства и добри практики од употребата на концептот на родово одговорно буџетирање на локално ниво и придобивките кои ги има врз локалните заедници.

Главна точка на втората панел дискусијата беше важноста на вклучување на родовата перспектива во политиките и буџетирањето за национален, регионален и локален развој. Секоја национална, регионална и локална политика за развој опфаќа инвестициска политика која има за цел да ги намали економските, социјалните и територијалните разлики.

На третиот панел се разговарало за клучните стратегии и методологии во користење на алатките за родово одговорно буџетирање за унапредување на родово- трансформативно финансирање на климатските активности кои ќе придонесат за поправеден свет.

Последниот панел отвори дискусија за родово одговорните програми и буџети за отпорност во услови на криза. На оваа дискусија беше заклучено дека родовата компонента треба да биде опфатена во програмите за кризи и кризни состојби со цел да се зголеми социјалната вклученост и да се подобри еднаквоста.

На форумот биле присутни повеќе од 90 претставници на меѓународни организации, владини претставници и други засегнати страни, а целта е да се придонесе кон унапредување на политиките и буџети за одговор на различните потреби на жените и мажите.