Се испитува загадувањето со линдан на почвата и водите во Пеленица

Фото: Државен инспекторат за животна средина

Ќе се испитува загаденоста на почвата и подземните води на локалитетот Пеленица покрај Драчево, каде што е закопан опасен отпад линдан од ОХИС. Ова е прво испитување на состојбата со животната средина на овој локалитет, откако пред три години беше поставена ограда за да се спречи движењето во контаминираната област. Во Пеленица не се знае колкави количини отпад е закопан, ниту пак какво е неговото влијание врз животната средина. До скоро на јавноста воопшто и не и беше познато дека и тука има линдан, покрај големата и малата депонија кои се во дворот на некогашната хемиска фабрика.

Испитувањата на теренот, според информации од Државниот испекторат за животна средина, од каде направиле визуелен увид на работите на терен, ќе се спроведува во текот на оваа недела.

„Од 7 до 11 Ноември ќе се врши детално истражување на локалитет Пеленица со земање и анализа на примероци од почва и подземни води со цел да се утврди степенот и обемот на контаминацијата на локацијата со отпаден линдан. Компанијата Деконс Ема, заедно со подизведувачот TAUW од Холандија беа избрани на објавениот оглас за јавна набавка од страна на МЖСПП за да го спроведат ова истражување“, информираат од Инспекторатот и додаваат дека земањето примероци ќе го следи и ревизорски тим составен од професори од Институтот за Хемија на Природно-математичкиот факултет.

Од Министерството за животна средина информираат дека за време на истражувањето на терен ќе се направи ископување на сонди и земање и анализи на примероци од почва, дупчење на бушотини и земање и анализи на примероци од почва, инсталирање на бунари за мониторинг на подземни води и земање и анализи на примероците од подземните води.

„Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди финансиски средства за спроведување на детално истражување на локацијата Пеленица – Рупа, населба Драчево, а врз основа на прелиминарни информации кои укажуваат на тоа дека компанијата ОХИС на оваа локација во 1976 година депонирала одредена количина на HCH- отпад. HCH- отпадот бил спакуван во метални буриња и истите биле депонирани во две јами ископани на локалитетот. Јамите биле обложени со бетонски ѕидови и покриени со земја“, информираат од Министерството.

Анализата на примероците ќе се врши во лабораторијата „Eурофинс“ во Холандија и ќе чини околу три милиони денари, кои се веќе обезбедени на сметката на Министерството, преку централниот Буџет.

Резултатите може да се очекуваат до средина на идниот месец, а врз основа на нив ќе се направи проценка на степенот на контаминација, ќе се предложат опции за ремедијација на локацијата и ќе се проценат трошоците за предложените опции за ремедијација.

Опасноста која демне од локалитетот Пеленица, е тема на која Мета.мк пишуваше во повеќе наврати во изминатите четири години. Според информациите, се претпоставува дека линданот тука бил депониран во седумдесетите години од минатиот век од страна на ОХИС, откако било забрането неговото производство и употреба. Во меѓувреме, Пеленица била користена за организација на училишни екскурзии, пред да се загради и забрани движењето пред три години.

Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките. Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Необележана депонија со 8.000 тони канцероген линдан од ОХИС ја труе околината на Драчево