„Ритамот во себе“ – мултимедијална продукција за млади во Филхармонија

Фото: Филхармонија на Република Северна Македонија

Во сабота, на 18 декември во 12 часот ќе се одржи мултимедијална продукција за млада публика, „Ритамот во себе“ во Камерната сала на Филхармонија на Република Северна Македонија.

Програмата ќе содржи дела за перкусии во изведба на Антоние Весковски, Благоја Антовски, Атанас Алексов, Влатко Митев, Иван Узунов, Теодор Теодосиевски, Зорица Здравковиќ и Кораб Хајдари. Визуелизацијата за проекцијата е изработена од Емил Петров и Доријан Миловановиќ.

Филхармонија оваа година концертната сезона ја реализира под мотото „Филхармонија во движење“ со што се приклучува во борбата против загадувањето, а во истовреме дава порака дека животот е движење.

„Ние сме првата генерација која што го чувствува ефектот на климатските промени и можеби последната која има шанса да направи промени. Токму темата за климатските промени и човекот како најголем фактор на влијание, се инспирација за создавањето на оваа музичка приказна, која за крајна цел го има будењето на индивидуалната свест, а наведува и на критичко и креативно размислување на темата за заштита на животната средина и справувањето со климатските промени“, стои во најавата за настанот.

Билети може да се набават на официјалната страна на Филхармонија, filharmonija.mk.