Секое лице постаро од 40 години кое ги препознава симптомите на хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ), како што се кашлица, создавање и искашлување секрет и отежнато дишење, треба да оди на лекар и да ги направи превентивните прегледи.
Најдобра превентивна мерка е престанок со пушењето и во тоа потребна е помош од семејството и заедницата. Македонија е меѓу земјите каде ХОББ бележи постојан подем. Нема официјален регистар за заболувањето, меѓутоа околу 100.000 луѓе боледуваат од ХОББ и постојано се зголемува нивниот број.
Ова денеска го истакна директорката на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза, Билјана Илиевска Попоска на одбележувањето на Светскиот ден на хроничната опструктивна белодробна болест под мотото „Не е предоцна“. Во Домот на АРМ во Скопје, Институтот до 15 часот организира бесплатни превентивни прегледи преку тестови за мерење на функцијата на белите дробови и се делат пропагандни материјали. Таа рече дека треба да се зголеми свесносна и знаењето за ХОББ кај општата популација во однос на потребата од навремена дијагностика и лекување.
– Хроничната опструктивна белодробна болест е една од најчестите болести со смртен исход и се карактеризира со намален проток на воздух во дишните патишта. Оваа реакција најчесто е прогресивна и е следена со една воспалитена реакција во белите дробови кон различни штетни честички и гасовити супстанции. ХОББ претставува системско заболување бидејќи кога се јавува најчесто се зафатени и други органи – посочи Илиевска Попоска.