Раскинати договорите за изградба на седум мали хидроцентрали на Шара

Фото:Petrovnik / CC BY-SA

Договорите за концесија за седум мали хидроцентрали на Шар Планина се раскинати, а на концесионерите ќе мора да им се вратат концесискиот надомест и трошоците кои ги направиле досега.

Одлуката за спогодбено раскинување на договорите Владата ја усвои денеска, а таа се однесува на шест мали хидроелектрични централи лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување во националниот парк, Љуботенска бр.66, Љуботенска бр.67, Беловишка бр.107, Пена бр.82, Лешочка 100 и Лешочка 101 и една во зоната на одржливо користење.

„Министерството  за животна средина и просторно планирање иницираше формирање на комисија во која членуваа и претставници на Министерството за финансии и Министерството за економија, која што ја разгледа документацијата за спогодбено раскинување на договорите за концесиите и потребата за обештетување на договорните страни. До министерот за животна средина Насер Нуредини беше доставен записник со детален преглед на сите реализирани трошоци од концесионерите врз оснава на што е изработен предлогот за спогодбено раскинување на договорите“, велат од Министерството.

Како што информираат од таму, дополнително доставен е предлог и за спогодбено раскинување на договорот за концесија за малата хидроелектрана Шеличе бр. 91,  лоцирана на подрачјето на Н.П. Шар Планина, во зоната на одржливо користење. И за овој објект е постигната согласност на концесионерот да му се врати уплатениот концесиски надоместок.

„Со предлогот за спогодбено раскинување на договорите за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од малите хидроелектрани на Шара предвидено е да се надоместат реално направените трошоци за реализација на договорите и уплатените трошоци на име на концесијата“, стои во соопштението од Министерството.

Сепак, МЖСПП не наведува конкретно колкави суми од буџетот ќе им се исплатат на концесионерите за направените трошоци.

Процесот за раскинување на договорите за концесија на малите хидроцентрали на Шар Планина започна минататa година, откако беше прогласен новиот национален парк, но и по интензивните реакции од јавноста и апелите од експертите и од граѓанскиот сектор дека девастацијата на природата и биодиверзитетот предизвикани од овие енергетски објекти е огромна, а користа од произведената електрична енергија минимална.

Како што веќе пишуваше Мета.мк екологистите бараа Владата да ги откаже сите одобрени и планирани хидроелектрани во заштитени подрачја во државата, но и оние надвор, кои можат да имаат влијание на заштитените зони. Ова беше и една од серијата препораки коишто до македонската влада ги испорача Комитетот на Бернската конвенција. Овие енергетски објекти се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и студии за оценка на влијанието врз животната средина, дури и во заштитени и еколошки чувствителни средини, каде прават огромни штети кои ги плаќаме сите преку сметките за електрична енергија.