Расипан фрижидер го предизвикал пожарот во висококатницата во Лондон

Пожарот во станбената зграда во Лондон, во кој загинаа најмалку 79 лица, го предизвикал расипан фрижидер, соопшти денеска британската полиција, пренесува „Би-би-си“.

Полицијата објави дека изолацијата и фасадата на висококатницата „Гренфел“ добиле негативни оценки на безбедносните проверки, извршени по пожарот. Во соопштението се додава дека полицијата ја разгледува можноста да поднесе обвинение за убиство од небрежност.

Полициската инспекторка Фиона Мекормак изјавила дека пожарот избувнал во ладната комора на фрижидер од марката „хотпоинт“, односно од моделот „хотпоинт ФФ175БП“ (hotpoint FF175BP). Таа додала дека апартот не е повлечен од продажба и дека произведувачот прави дополнителни проверки.