Проверувачи на факти објаснуваат како да се препознае и спречи ширење дезинформации за ковид-19

Во светот постојат многу веб-страници кои се занимаваат со објавување факти и раскринкување лажни вести, дезинформации и полуинформации (misinformation)). Еден од таквите е Verified („Потврдено“), иницијатива на Обединетите нации во соработка со Purpose („Цел“) која има за задача да обезбеди содржини кои ќе помогнат за заштита и спасување на човечки животи, совети засновани на факти и позитивни приказни од човештвото.

Со промовирање и споделување на содржина потврдена и поткрепена со факти,  луѓето секојдневно може да играат клучна улога во работата на „Потврдено“, така што со своите блиски, пријатели и познаници ќе може да споделат сигурни и точни информации за ковид-19.

Факт-чекерите Пипа Ален Кинрос и Абас Панџвани од Full Fact преку кратко видео објаснуваат како да се препознае и спречи ширење на полуинформациите.

Како што вели проверувачката на факти Пипа Ален Кинрос, многу е важно луѓето да не се чувствуваат глупави ако нешто сфатиле погрешно, бидејќи често се случува полуинформациите да делуваат убедливо.

„Корона вирусот е нешто ново, за кое луѓето не секогаш имаат одговори, затоа и е лесно да се протнат полу-информации во тие празни простори. Ќе видите нешто што можеби мислите дека ќе му помогне на другиот и веднаш сакате тоа да го споделите со своето семејство и пријатели. Не секогаш луѓето постапуваат со лоша намера. Едноставно сакаат да помогнат, но не сфаќаат дека информациите што ги споделуваат, всушност може многу да наштетат“, вели Пипа Ален Кинрос.

Нејзиниот колега – проверувач на факти, Абас Панџвани, вели дека за луѓето да знаат во што да веруваат, најверодостојно е да се информираат од официјалните извори, како на пример, Светската здравствена организација (СЗО). Тој вели дека разговорот може да е многу непријатен ако мислите дека соговорникот споделува полуинформација со вас бидејќи во тој случај, се јавува проблем кога треба да се разграничат фактите од измисленото, но дека истото не треба да биде предмет на осуда.

„Едноставна работа која може да ја направите и да отидете на Гугл и да проверите дали таа информација е споделена некаде на друго место од релевантни сајтови за вести кои ги препознавате. Ако во тој случај ја нема објавено на такви сајтови, тогаш веќе е сомнително и ќе мора да гледате и истражите подлабоко“ појаснува Пипа Ален Кинрос, која вели дека доколку најдеме нешто што би можело со факти да му се спротивстави на противникот, како на пример, веб-сајтови за проверка на факти, тоа е добар начин да се искомуницира со соговорникот што греши или споделува мисинформации.