Промоција на „Wie ist das Wetter da oben?“ – двојазичната книга на единаесетгодишно девојче

Фото: fb страна за промоција на книга

Илустрираната стихозбирка со наслов „Какво е времето таму горе?“/„Wie ist das Wetter da oben?“ е дело на единаесетгодишната основка Леона Стојковска.

Промоцијата ќе се одржи денес во „Училница“ на Мал Плочник зад Соборниот храм во Скопје со почеток во 18:00 часот. Најавена е и работилница за креативно пишување за деца, „Како се создава сликовница“, каде присутните ќе се дружат со авторката и илустраторката.

Книгата е напишана во вид на кратки дијалози кои се на македонски јазик со превод на германски јазик веднаш под нив. Приказните подлежат на басни каде главните ликови се глувче и жирафа и читателите се запознаваат со нивните секојдневни разговори. Илустрациите за приказните ги има направено графичкиот дизајнер и уметник Јулијана Росоклија која се бави со илустрирација.

Двојазничната сликовница е во издаваштво на „Чудна шума“.

„Едно девојче смислува приказна со интересни ликови, преку која ќе им го приближи и ќе им го направи забавно учењето на германскиот јазик на нејзините врсници (а и помали другарчиња) и резултира со „Какво е времето таму горе? / Wie ist das Wetter da oben?“. Сликовницата е полна со интересни, хумористични ситуации во кои главните ликови – едно глувче и една жирафа, разговараат со кратки дијалози (прашање – одговор, на германски и на македонски) – кои децата лесно ќе ги запомнат и со тоа ќе ги научат не само германските зборови, туку и цели фрази и реченици“, пишуваат од издаваштвото.

Од таму најавуваат дека вечерашниот настан е од отворен карактер но бројот за пријавување на деца за работилницата е ограничен. Истиот ќе се одржи според протоколите и мерките превземени за заштита од Ковид-19. На настанот може да се пријават сите заинтересирани пополнувајќи онлајн регистрацијата за учество.