Георги Господинов во Скопје: Можеме да се мразиме или да се сакаме, ајде да го избереме второто

Фото: Мета.мк

„Толку сме блиски, што имаме само два начина: или да се мразиме или да се сакаме. Ајде да го избереме второто“, е пораката која што најпознатиот бугарски писател на денешницата Георги Господинов ја испрати до публиката што завчера вечер го исполни до последното место киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.

Господинов дојде во Скопје за да го промовира романот „Засолниште во времето“, со кој доживеа уште еден брилијантен меѓународен успех. На промоцијата на книгата која лани излезе во превод и на македонски јазик, во издание на издавачката куќа „Или-Или“, говореа и Оливера Ќорвезироска, Калина Малеска и Душко Крстевски како преведувач на романот од бугарски на македонски јазик.

Георги Господинов пред публиката направи интимна прошетка низ сеќавањата од својот живот, но и општествените премрежја низ кои има поминато Бугарија во минатото. Тој се присети и на падот на бугарскиот комунистички режим на 10 ноември 1989 година и кажа зошто толку важни му се 1990-тите години во Бугарија, исто како што и образложи зошто би сакал да може да ја живее 1968-та година.

Тој се присети на митингот во Софија пред самиот пат на режимот во 1989, кога заедно со своите колеги Господинов бил по улиците и она на што се сеќава е дека самите тие тогаш не знаеле како се движи човек на улица којшто протестира. Ние дотогаш во Бугарија знаевме само да маршираме, рече Господинов пред присутните.

„Патував многу изминатиов период, бев на различни места во Европа, и тоа што го гледам е дека луѓето имаат потреба да се собираат, да се заедно еден со друг и да си зборат еден на друг. Значи има надеж“, спомена Господинов на самиот почеток од разговорот.

Во своето интимно патување со скопската публика, Георги Господинов се задржа и на моменти од своето детство, кога одел во библиотеката и позајмувал книги. Вели дека одбирал дела кои секогаш биле напишани во прво лице, затоа што знаел дека ликот на крајот нема да умре. Децата, вели Господинов, воопшто не се наивни кога избираат книги напишани во прво лице, тие не сакаат нивните ликови да умрат на крајот од книгата.

Господинов рече дека книгата „Физика на тагата“ е самата поврзана со физиката, а за  едно од нештата со коешто се пофали тој, е дека откако излегла оваа книга, тој бил примен во бугарското Друштво на физичарите.

На првата средба со физичарите, вели Господинов, на која имало најразновидни физичари во своите полиња на дејствување, тие биле многу добри со Господинов, и тие му рекле дека за нив е многу интересно да ја видат нивната наука од гледна точка на писателот и дека тоа им дава многу идеи за во иднината.

„Квантната физика стигнала до такво ниво, што денеска е на границата со филозофијата и секоја идеја која ние можеме да ја дадеме од страната на литературата на физичарите како и тие на нас, го има она што се вика конвергенција меѓу себе“, вели Господинов.

Калина Малеска во излагање за најновиот роман „Засолниште во времето“ кој е преведен на македонски јазик рече дека тоа е смела книга, во која минатото и шепоти на иднината, во која апсурдноста се судира и коегзистира со реалноста, во која растот на национализмот е неколку пати пресретнат од следните стихови – „мора да се сакаме или да умреме“.

Оливера Ќорвезироска пак во своите 17 минути осврт за песните, расказите и романите на Георги Господинов рече дека за да се втаса до „Засолниште во времето“, треба да се тргне по долг, опширен, но удобен и читлив пат во неговото творештво.

„Тој трае многу страници, ама на него ништо не може да ни истрча пред очи, или може, но нема премногу да нѐ изненади, зашто однапред, од претходните патувања и пишувања на Господинов, знаеме на кој пат, низ кој негов текст, што може да ни истрча или протрча. Збор, реченица, приказна, туѓа или најнаша; лик – ист, а различен, измислен од раскажувачот или раскажан од измислувачот“, изјави таа.

Преведувачот на романот „Засолниште во времето“, Душко Крстевски низ разговорот рече дека ја имал среќата Никола Маџиров да ги има веќе преведувано делата на Георги Господинов. Откога ја прочитал целата литература на Георги Господинов, сфатил дека таа супер се чита како превод и во оригинал.

„Кога добив покана од „Или-Или“ за да ја преведам „Физика на тагата“, ми беше голема чест, затоа што веќе си го имал читано тој писател, ја знаеш и самата поетика, те интересира, и не го сфаќаш како задача и обврска, туку е задоволство“, изјави преведувачот Крстевски.

Бројната публика во кино „Фросина“ во долги редици чекаше по разговорот за да поразговара, да се фотографира и да добие посвета во неговите дела, а Георги Господинов стрпливо одвои време за да стапи во контакт со секој од нив.

Фото: Мета.мк

Во својот роман „Засолниште во времето“, Георги Господинов слика еден свет во кој луѓето бараат прибежиште во минатото. Првобитно замислената терапија за заболените од Алцхајмер и деменција, станува дистопија: во една европска земја со референдум е избрана една деценија во која сите сакаат да се вратат. На крајот на романот, тоа води кон избувнување на Трета светска војна.

Неговиот првенец „Природен роман“ (1999) е најпреведуваната бугарска книга по падот на комунистичката диктатира во 1989 година. Англискиот превод на „Засолниште во времето“ во 2021 година ја доби реномираната италијанска литературна награда Премија Стрега. На македонски јазик досега се објавени следниве дела на Георги Господинов: „Природен роман“(Темплум, Или-Или), „И други приказни“ (Темплум), збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015), збирките раскази „И сè стана месечина“ (Или-Или, 2017) и „Сите наши тела“ (Или-Или, 2019).