Институтот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) секоја година организира резиденција за млади европски уметници наречена Програма за развој на уметници (ПРУ), како уникатна програма за развивање на талентот на европски уметници помлади од 35 години.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, претставникот на ЕИБ во земјава Бјорн Габриел и шефот на одделот за уметност и култура во Институтот на ЕИБ Делфина Мунро ја претставија Програмата за развој на уметници која сега е отворена за млади уметници од Северна Македонија.
„ПРУ е уникатна програма за развивање на талентот на европски уметници помлади од 35 години, која им помага да ја развиваат својата пракса во висококвалитетен професионален контекст без никакви материјални ограничувања, под менторство на меѓународно признат уметник“, се наведува во соопштението на Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Од оваа година, Програмата за развој на уметниците на ЕИБ е отворена и за визуелни уметници од Северна Македонија и регионот на Западен Балкан. Избраниот лауреат ќе добие платена, тримесечна резиденција во Cité international des arts во Париз, светската премиерна уметничка колонија која во секое време е домаќин на 300 уметници од целиот свет. Тие, исто така, ќе творат под менторство на познатата француско- италијанска уметничка Татјана Трове, која неодамна имаше соло изложба во Центарот Помпиду во Париз.
Лауреатите на ПРУ имаат исклучителна можност за туторство и вмрежување, како и нивните дела да ја збогатат уметничката збирка на банката. Лауреатите се бираат преку специфични повици за апликации, на теми кои се однесуваат на мисијата и вредностите на Банката (климатски промени, разновидност и инклузија), како и од земји кои не се добро застапени на уметничкиот пазар и во збирката на ЕИБ.
Од нејзиното воведување во 2013 година, 34 уметници од 19 земји-членки на ЕУ плус Турција и Украина учествуваа во ПРУ, 38 уметнички дела станаа дел од збирката на Банката со што во голема мера се збогати нејзината колекција. По неодамнешното завршување на своето 10-то издание, ПРУ често добива стотици апликации од најдобрите европски уметнички училишта, добивајќи особено значење во академските кругови.