Проблеми со топлата вода во студентскиот дом „Пелагонија“ – повод за опасни националистички дезинформации

Наспроти националистичките тврдења на социјалните мрежи дека „сите Албанци во домот се ослободени од партиципација, а Македонците се бројат на раце“, јавно достапните списоци за студентите сугерираат нешто друго - дека ниту сите Албанци се ослободени, ниту пак Македонците се бројат на раце

фото: Државен студентски дом „Пелагонија“ / dsdpelagonija.mk

Недостигот на топла вода во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје прерасна во наплив од националистички дезинформации кои се објавуваат на социјалните мрежи. Проблемот со кој се соочуваат студентите во овој дом, одредени политички субјекти го искористија за ширење опасни лажни информации кои немаат допирна точка со реалноста.

Извесна „Студентска револуција“, која претходно неделава дезинформираше оти нема парно во домот „Стив Наумов“ и дека проблемот нема да се реши – што се покажа како неточно – пред два дена испрати нов допис до медиумите во кој обвинува дека студентите од студентскиот дом „Пелагонија“ наводно „веќе со недели немаат услови за извршување на најосновните секојдневни потреби како туширање со топла вода“.

Ваква објава се најде и на Фејсбук страницата на Марио Јанески, претседател на Црвената младина – подмладокот на политичката партија „Левица“, кој сподели фотографија од директорот на студентскиот дом „Пелагонија“, Агим Фејзулаху.

„Студентите сместени во домот ги остави без топла вода, а кога малку ја има ги обвинувал дека неконтролирано ја трошат. Кога студентите се пожалија им рекол ‘Па ако најдете подобро за овие пари, слободно напуштете. Ако не ви чини, има други студенти кои чекаат на списокот’“, стои во објавата на предводникот на Црвената младина.

Под оваа објава, која брои речиси 100 споделувања на Фејсбук, се наоѓа и националистички коментар кој шири опасни дезинформации.

фото: Принтскрин од Фејсбук

„И уште нешто!! Сите Албанци што се сместени во Пелагонија не плаќаат месечна партиципација за разлика од Македонците коишто на раце се бројат кои се ослободени од плаќање“, се вели во коментарот кој е поддржан со бројни реакции.

Напишаното во коментарот е дрска и крајно опасна лага која може да поттикне етничка нетрпеливост.

Ниту сите Албанци во „Пелагонија“ се ослободени од плаќање, ниту Македонците „се бројат на прсти“

Новинската агенција Мета го провери првично објавениот список со примени студенти во студентскиот дом „Пелагонија“ од почетокот на септември, каде од околу 800 примени студенти, од плаќање партиципација се ослободени 153 студенти.

Дополнително, на 29 септември беше објавен уште еден список – листа на примени студенти во прва година, на кој се наоѓаат вкупно 208 бруцоши, од кои ослободени од плаќање партиципација се 150.

Јавно достапните списоци со примени студенти во домот не содржат графа за етничка припадност. Во услови на непостоење на официјален податок за нивната етничка припадност, оставени сме да извлекуваме оценки според имињата и презимињата на примените кандидати. Иако не можеме да тврдиме, судејќи според презимињата на студентите, се стекнува впечаток дека поголем дел од нив се македонски.

Оттука, делот од коментарот дека Македонците кои се ослободени од плаќање „се бројат на раце“, не е точен.

Истото се однесува и на првиот дел од коментарот, во кој се тврди дека „сите Албанци што се сместени во Пелагонија не плаќаат месечна партиципација“.

Повторно, на списоците, меѓу студентите што се примени, но не се ослободени од партиципација се наоѓаат презимиња кои би можеле да се сметаат како традиционално албански и се напишани на латинично писмо – како „Zulbeari“, „Tahiri“, „Fetahi“ и други.

Мета.мк стапи во контакт и со директорот на студентскиот дом „Пелагонија“, Агим Фејзулаху, кој потврди дека ваквите националистички наводи не се точни и, како што рече, немаат допир со реалноста.

„Јас можам да потврдам дека не е така. Имаме студенти Албанци кои се на списокот со плаќање и плаќаат редовно. Нашиот систем во делот на финансиското работење е поврзан со користењето на студентската менза. Доколку еден студент не изврши уплата после 10 или 15 дена, не може да ги користи услугите“, вели Фејзулаху.

Тој објаснува дека списоците со студенти кои се примени во домовите и кои се ослободени од плаќање ги прави Министерството за образование и наука (МОН), а домот само ги спроведува одлуките. Според него, околу 70 отсто од студентите во „Пелагонија“ се ослободени од плаќање, а меѓу нив има и Македонци и Албанци.

„Можам одговорно да тврдам дека ние после приемот на студентите имавме инспекциски надзор од просветниот инспекторат кој беше фокусиран на тоа дали студентите што беа на списоците се навистина примени, дали се ослободени од плаќање или плаќаат и дали приговорите се доставени во законски предвидениот рок. Излезе дека сме чисти по ова прашање“, вели Фејзулаху.

Директорот на „Пелагонија“ апелира на внимателност со ваквите изјави бидејќи станува збор за сензитивно прашање.

„Мислам дека овие се политички подготвени сценарија од дел од политичките партии кои за цел имаат дефокус на јавноста или ширење на дезинформации и сакаат да претстават лоша слика за самиот дом, за мене како директор и целата раководна структура. Можете во секое време да дојдете и да видите во каква атмосфера живееме заедно. Живееме како едно домаќинство, без да имаме проблем во делот на тоа дали некој е Албанец или Македонец“, вели тој.

Топло-ладна вода во „Пелагонија“

Проблеми со национализмот во „Пелагонија“ очигледно нема, но има такви кои се поврзани со условите во домот.

Директорот Фејзулаху вели дека информацијата оти со недели немало топла вода во „Пелагонија“ е неточна. Според него, се случува топлата вода да се потроши, но ја снемува само на неколку часа додека повторно да се стопли.

„Топла вода имаме во секој момент, се случува понекогаш во некои периоди кога се троши малку повеќе, да снема, па додека да се стопли пак, можно е да нема, но дека константно сме немале, не е вистина. Имаме 14.000 литри кубни вода којашто се грее и нормално, за таква голема количина треба малце време. Тоа се случува понекогаш, да снема, но тоа е поради трошење. Сепак имаме стотици станари кај нас, ако се погоди во исто време да се користи топла вода, се случува да снема. Може да кажеме дека во текот на целата недела може да се случи еднаш или два пати да снима вода, на краток рок“, рече Фејзулаху.

Страницата „Студентарија“ на Инстаграм објави кратка анкета меѓу студентите сместени во домот, прашувајќи ги дали е точно оти со недели немаат топла вода.

Одговорите на студентите се поделени. Дел од нив велат дека почесто се случува да останат без топла вода.

Или нема воопшто вода или е само ладна. Особено во машката зграда на 8 кат, ретко кога има“, „Топла вода има само наутро“, „Не е точно дека немаме со недели, но неколку дена немаше топла вода“ „Лошо е, нема топла вода цело време, но и кога ја има ја има пола саат и тоа од сабајле“ – се дел од одговорите на студентите.

Дел од одговорите на анкетата на „Студентарија“ на Инстаграм / фото: Принтскрин

Други студенти, пак, тврдат дека немаат проблеми со топлата вода.

Во женската зграда поголемиот дел од денот има топла вода“, „Не е точно, барем во женската зграда, ние од втор спрат имаме топла вода“, „Во нашата соба на прв спрат има секогаш“, „Кај мене досега немало проблем со топлата вода“, „Дека нема со недели не е точно воопшто, вода има во поголем дел од денот“ – велат студентите.

Дел од одговорите на анкетата на „Студентарија“ на Инстаграм / фото: Принтскрин

Од одговорите се добива впечаток дека проблематични во однос на топлата вода се одредени делови од зградата на „Пелагонија“, но во секој случај, не е точно дека недостиг од истата има со недели.

Директорот Фејзулаху тврди дека секоја среда е отворен ден за студенти, кога сместените станари од 10 до 12 часот можат да се обратат до него и до целото раководство и да ги пренесат забелешките, поплаките и пофалбите.

Според него, најчести се поплаките за „технички работи“, односно за оштетен или застарен инвентар во собите.