Последната долга суша е одговорна за досега најголемото опаѓање на нивото на водата на Преспанското Езеро, е ставот на експертите од Македонското еколошко друштво (МЕД). Ова здружение на стручни лица од областа на заштитата на животната средина, гео и биодиверзитетот излезе во јавност со став дека истекот во Охридското Езеро и употребата на водата за наводнување од Преспанското Езеро незначително придонесуваат кон намалувањето на неговото ниво во однос на влијанието кое климатските промени го имаат врз водостојот во второто по големина природно езеро во државата, на што укажуваат и податоците за нивото на езерото мерени од УХМР од 1951-2004 година.

„Поради повеќе граѓански иницијативи и новинарски написи во изминатиов период во врска со поразителното ниво на Преспанското Езеро сметаме дека е важно да се изнесат во јавноста одредени факти во врска со нивото на водата на Преспанското Езеро во последните педесетина години достапни во извештајот „Проценка на ефектот на климатските промени врз ранливоста на живеалиштата со цел да се воспостави управување на влажните станишта со цел митигација на климатски промени“ (сл. страна 11) изработен од Националната опсерваторија на Атина (НОА)“, се вели во соопштението на МЕД.

 

Годишните промени во нивото на водата на Преспанското Езеро се директен резултат, најпрвин на комплексната геолошка постава на регионот а потоа и на следните фактори: Дотокот на вода од реките и подземните води, количеството на врнежи, степенот на испарување од езерото, искористената вода за наводнување и карстниот истек на водата низ планината Галичица во Охридското Езеро, се вели натаму во соопштението потпишано од Македонското Еколошко Друштво. Првите три фактори ги отсликуваат просечните климатски услови во водниот слив на езерото, бидејќи сите речни текови и подземните води се полнат од врнежите во езерскиот басен, односно во неговиот стрмен воден слив и како такви имаат голем удел врз количината на вода во Преспанското Езеро, се наведува во извештајот на НОА.

„Сметаме дека ефектите од климатските промени за жал во иднина ќе бидат се повидливи во нашата земја особено на водните и влажните живеалишта. Затоа одговорноста треба да ја бараме во сите нас и да размислуваме за нашите секојдневни активности и да покажеме свесност дека ниту една акција не поминува без реакција“, вели Драган Арсовски, претставник на подрачната канцеларија на МЕД од Ресен.

Во меѓувреме, по бројните реакции во јавноста и споделувањата на алармантните фотографии на кои се гледа колку е повлечена водата на Преспанското Езеро, се огласи и Министерството за животна средина, од каде соопштија дека се следи состојбата и се преземаат активности. Од таму велат дека МЖСПП се заложило „да го иницира процесот на воспоставување на Комитетот за управување на Преспа Паркот и е во процес на обезбедување на номинации од страна на земјите членки: Македонија, Албанија и Грција“, како и дека иницирале вонреден состанок на националните експерти од Дримската група, „за да ги разгледаат состојбите и да разменат сознанија и согледувања за начините за итно надминување на актуелните состојби со намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро“.