fbpx

Презентиран извештајот и насоките за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија

-

Постојниот одлив на кадар на високо административно ниво, недостатокот на ажурирање и имплементација на стратегиите, ограничениот пристап до електронските услуги, но и нискиот степен на интерес на граѓаните за е-учество, се дел од предизвиците нотирани во третиот Извештај за таковната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија во издание на Фондацијата Метаморфозис.

Во извештајот кој беше презентиран на денешниот дијалог „Дигитална агенда за граѓаните – Дигитализација и дигитална трансформација за поефикасна администрација“, а кој се однесува на периодот јуни 2021 – јуни 2022 година, се забележува дека и покрај тоа што бројот на е-услуги, како и бројот на корисници од година во година се зголемуваат, сепак порталот uslugi.gov.mk не е доволно промовиран меѓу граѓаните. Истовремено, голем број од услугите воопшто не се електронски, а за оние кои се, се чека многу долго, што е несоодветно на нивната смисла и намена.

„Сите услуги не се електронски. Тие се излистани на порталот, но не се електронски, односно само укажуваат како одредени услуги можат да се добијат по пат на шалтер и како граѓаните да се обратат до некоја институција и да ја добијат услугата. Освен тоа, овој портал не е единствено место за сите услуги. Не се регистрирани сите услуги, а и постојните не се целосно дигитализирани. Потребно е да се направи поголема посветеност кон унапредување на функционалноста на порталот“, истакна д-р Наталија Шикова, вонреден професор на Правниот факултет на Меѓународниот Балкански Универзитет.

Во однос на политичката волја и стратегија, таа е на високо ниво и е дел од приоритетите на Владата. Постојат бројни стратегии во оваа област, но многу од тие стратегии се застарени и треба да се ажурираат.

„Особено станува збор за долгорочната Национална ИКТ стратегија, која што е подготвена, но нејзиното усвојување се одложува. Најголемиот проблем со стратегиите, покрај тоа што не се ажурирани, е и нивната имплементација“, рече Шикова.

Во истражувањето е забележано дека повеќето од националните стратегии се однесуваат на услугите кои се добиваат на централно ниво, додека дигитализацијата на локално ниво е запоставена.

Кога станува збор за интероперабилноста, меѓусебното поврзување и размената на податоци помеѓу државните органи, институциите и бизнис компаниите во Северна Македонија се овозможени преку Платформата за интероперабилност. Меѓутоа, од 2021 година нема нови институции кои се приклучиле на оваа Платформа, но и дел од оние што се присутни таму не се спремни да ги понудат своите услуги интероперабилно.

„Од сите институции кои што во моментов се на Палтформата за интероперабилност, само 14 имаат целосно техничка подготвеност – имаат кадар, технички услови и соодветно современо софтверско решение. Со средно ниво оценивме 10 институции, кај кои некои од наведените сегменти недостасуваат. Институциите со ниско ниво, каде што се 10 институции, што е сериозна бројка имајќи предвид дека имаме вкупно 35 институции на Платформата, ниту имаат технички кадар, ниту опрема, ниту современо софтверско решение за да можат да ги даваат интероперабилно услугите“, истакна д-р Ирена Бојаџиевска, Доцент на Универзитет Американски колеџ во Скопје.

Без разлика што имаме платформа за интероперабилнсот, бенефитите што граѓаните треба да ги почувствуват од интероперабилноста сè уште не се присутни на терен, додаде Бојаџиевска.

И покрај тоа што во земјава постои соодветна законска рамка за тоа кој може да биде давател на дигитален потпис, двете компании што се единствени сертифицирани за ова – КИБС АД Скопје и Македонски Телеком АД Скопје, не дале одговор колку правни и физички субјекти се корисници на дигитален потпис.

Кога станува збор за дигиталната писменост, пак, Бојаџиевска вели дека годинава конечно стана јасно дека во Македонија нема да се прави една единствена национална стратегија за дигитална писменост, туку истата ќе биде интегрирана во три различни политики.

„Еден дел од стратегијата ќе биде ставен во политиките за вработливост, друг во Националната стратегија за образование и трет во долгоочекуваната ИКТ стратегија, каде што дигиталните вештини ќе бидат поделени на дигитално описменување на населението, но и на администрацијата, бидејќи не можеме да очекуваме електронски услуги и градење информатичко општество доколку вработените во институциите не се со соодветни технички познавања за да ги обезбедуваат овие услови“, рече Бојаџиевска.

Во препораките на Извештајот, пишува дека е потребно Владата да назначи говорник кој редовно ќе известува за напредокот во однос на имплементацијата на Дигиталната агенда и кого граѓаните ќе го препознаваат во тој контекст. Понатаму, забележана е потребата да се инвестира во ресурси во институциите со цел недостатокот на ИТ кадар, застареноста на техничките можности или целосното отсуство на истиот, да бидат надминати.

Славица Грковска, Заменичка на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење истакна дека за дигиталната трансформација на општеството нема алтернатива и дека таа е предуслов за градење на поефикасно и потранспорентно општество и дека е еден од фокусите на нејзиниот кабинет.

„Развојот на дигиталната технологија го допира буквално секој сегмент од нашето општество и ни дава можност да го подобриме квалитетот на нашиот живот и на услугите кои инситутциите ги даваат кон граѓаните, да ги направиме институциите поефикасни и на тој начин да ги заштедиме времето и средствата кои се трошат во давањето на услугите, но и во функционирањето на системот“, истакна  Грковска.

Славица Грковска, заменик-претседател на Влада на РСМ

Грковска додаде дека процесот на дигитализација се одвива со динамика каква што дозволува бројот на кадри во институциите и дека овој процес не треба да се избрзува.

Предуслов за ефикасна дигитална трансформација на општеството е поседување електронска лична карта која ќе овозможи електронска идентификација и електронски потпис, а ќе овозможи услугите да се користат со еден акаунт.

„Благодарение на УЈП, ние имаме акаунт кој може да се користи за добивање на е-услугите на Владата, меѓутоа имаме ситеми како оној на Катастарот кој има различен акаунт. Со воспоставување на електронска лична карта, за која што е неподелено мислењето во сите држави дека претставува основа за дигитална трансформација во општеството, граѓаните ќе имаат можност, без да бидат во ситуација да ги памтат  различните акаунти од различни институции, со еден акаунт, само со личната карта да имаат пристап до сите електронски услови на Владата“, рече Грковска.

Професорот Боро Јакимовски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) истакна дека ФИНКИ веќе 11 години активно работи во областа на образованието на ИКТ кадри и активно придонесува до развојот на дигиталното општество и дигитализацијата на државата.

„Многу е важно да се напомене дека активно работиме на поддршка на активностите за имплементација на дигиталниот компас на Европската Унија донесен пред околу две години. Мораме да бидеме свесни дека тоа што Европа го нарекува дигитализација не подразбира само користење на компјутери, туку користење на напредните технологии во донесувањето одлуки, имплементацијата на сервисите, но секако фокусот на дигиталниот компас е и воведување на иновативни дигитални хабови каде што ќе се развиваат идните технологии и ќе се формираат идните стартапи кои ќе ја понесат економијата на Македонија, но и зголемувањето на дигиталнтие вештини и воведувањето на нови електронски услуги од страна на јавниот сектор“, истакна Јакимовски.

Боро Јакимовски, ФИНКИ

Претседателот на Основниот суд- Кавадарци, Лазар Нанев, истакна дека без мотивација и добра организација воопшто не може да стане збор за дигитализација и дека еден од најголемите отпори во случајов ги создава бирократијата.

„Процесот на дигитализацијата всушност е борба на државата против државата. Еден од најголемите отпори ги создава бирократијата, односно сите човечки ресурси. Кога ќе слушнете дека 25 години треба да трае процесот на дигитализација тоа е навистина демотивирачки и обесхрабрува“, рече Нанев.

И покрај промената на власта во 2016 година, имаме причина да тврдиме дека имаме авторитарен јавен сектор, рече Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје. Таа истакна дека дигитализацијата треба да овозможи политичката култура на институциите од авторитарна да се претвори во сервис на граѓанинот, каде што институциите и јавниот сектор ќе бидат во служба на луѓето. Одзаробувањето на институциите нема да биде комплетирано без дигитализацијата.

„Се работи за еден системски сетап, за една структура најверојатно наследена од претходниот систем и не претрпела вредносна преобразба. За целиот процес на транзицијата, до ден денес нашата политичка култура останува во основа авторитарна. Кога ќе го кажеме тоа, тоа не значи дека народот сака авторитарци, туку тоа значи дека и народот и институциите се навиканти да бидат авторитарни. Тоа е систем во кој јавниот сектор служи да ја штити државата од потенцијално штетниот граѓанин. Затоа граѓанинот е оној кој оди со три илјади нотаризирани потврди за сè и сешто и сам се докажува пред системот, наместо системот по службена должност да проверува и со тоа да му дава на граѓанинот подобра услуга“, истакна Колозова.

Катерина Колозова, Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје

Искра Белчова Ристовска од Центарот за управување со промени истакна дека дигиталните услуги и трансформацијата на администрацијата кон дигитално работење немаат за цел само подобри услуги за граѓаните, туку на овој начин и вработените во администрацијата ќе бидат поефикасни, а ќе се намали и корупцијата во јавниот сектор. Според неа, државата не е доволно амбизиона во поглед на користењето на дигиталните услуги.

„Сè уште не сме доволно амбициозни. Кога зборуваме за Националната стретегија за вработување, таму стои еден индикатор дека до 2027 ќе биде обезбедена ИКТ опрема на барем 50 посто од јавните образовни институции. Ова е далеку од она како сакаме државата да биде амбициозна во однос на поставување на инфраструктурата за дигитална транзиција“, истакна Белчова Ристовска.

Искра Белчова Ристовска, Центар за управување со промени

Таа рече дека конкурсите за студентски и ученички стипендии, субвенциониран студентски оброк, сместување во студентски домови и уписи во средно образование кои изминатава година се одвиваа електронски, биле прифатени од таргет публиката и се покажале како поефикасни, но и потранспарентни за разлика од одвивањето по традиционален пат по хартија.

Инаку, подготовката на презентираниот Извештај е дел од проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, ко-финансиран од Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Синдикатот на Македонска пошта најави дека во соработка со вработените и со ангажирање на експерти ќе подготви нова систематизација што ќе ја достави до новата влада со барање истата...