Премиерите од Западен Балкан потпишаа три договори за слобода на движење и признавање на дипломи

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Лидерите од земјите од Западен Балкан, во рамки на Самитот за Берлински процес, во присуство на германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и генералниот директор на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, потпишаа три регионални договори за мобилност.

Договорот за слобода на движење и престој на граѓаните, односно за меѓусебно признавање на личните карти, го поедноставува преминувањето на границата/административните премини на жителите на Западен Балкан, бидејќи предвидува дека поседувањето лична карта е доволно за преминување. На тој начин државите ќе ги поедностават административните процедури за влез, транзит и краток престој на жителите на Западен Балкан со лични карти.

Со Договорот за признавање на академските квалификации се регулира меѓусебното признавање на универзитетските дипломи, продолжувањето на студиите и правилата за користење на стекнатите квалификации, вклучително и пристапот до пазарот на трудот.

Договорот предвидува периодот на признавање на дипломите да се скрати од постојните неколку месеци на најмногу 14 дена. Исто така, мобилноста на студентите и академскиот кадар во Западен Балкан е овозможена врз основа на Лисабонската конвенција за признавање на дипломите, Болоњскиот процес и релевантните правила на ЕУ. За почеток ќе се применува на државните универзитети и постепено ќе се проширува и на приватните универзитети. Се воспоставуваат заеднички стандарди и процедури за признавање на квалификациите и се укинуваат постојните давачки за признавање на високообразовните квалификации за студентите.

Со укинување на вишокот документи и процедури, граѓаните од регионот ќе можат полесно да учат и да работат, со основна цел да се овозможи циркулација на младите во регионот.

Договорот за меѓусебно признавање на стручните квалификации за лекари, стоматолози и архитекти предвидува автоматско признавање на професионалните квалификации за избраните професии кои недостигаат на пазарот на трудот. Овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти во ЗБ, врз основа на Директивата на ЕУ за признавање на професионалните квалификации.

Овој договор воспоставува единствена примена на правилата и создава основа за мобилност на професионалци низ целиот регион. Документот вклучува три професии и создава основа за преговори за уште четири професии – акушерки, медицински сестри, фармацевти и ветеринари во наредниот период.

„Потпишувањето на овие меѓународни договори треба да ја зајакне соработката помеѓу Северна Македонија, Албанија, Србија, БиХ, Црна Гора и Косово во делот на реформските процеси, заедничките пазари, меѓусебно признавање на професионалните квалификации, слободно движење на луѓе и стоки и истата треба да придонесе за забрзан регионален економски раст и развој“, соопштија од Владата.

Како што е наведено во соопштението, токму ова се и основните цели и фокусот на Берлинскиот процес, кој се реализира со поддршка на Европската комисија во насока на унапредување на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан.

Ковачевски заедно со лидерите од Западен Балкан денеска учествуваше и дискутираше и на Сесија за енергетска стабилност и трансформација.

На сесијата сите учесници во дискусијата потенцираа дека енергетската безбедност на Западен Балкан е подеднакво важна како и енергетската безбедност на ЕУ. Лидерите рекоа дека сите заедно работат на надминување на предизвиците од енергетската криза и дека ЕУ ќе биде заедно со земјите од Западен Балкан при решавање на сите проблеми поврзани со енергетската криза.

Премиерот Ковачевски на Сесијата за енергетика рече дека потребна е силна и тесна соработка на целиот регион за постигнување амбициозните цели за енергетска транзиција и за надминување на предизвиците кои ни ги наметна економската и енергетската криза. Фокусот треба да биде на заедничко изнаоѓање алтернативи за стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија, но и насочување кон обновливи извори на енергија.

Тој истакна дека оваа криза многу брзо ни ја предочи важноста на домашното производство на енергија, но и потребата да се има резервен план во иднина кој ќе ни помогне полесно да пребродиме слични ситуации, но и да ја заштитиме животната средина. Како исклучително важен дел од визијата за Западен Балкан, премиерот го посочи неговиот концепт за енергетска трансформација преку примена на обновливи извори, ефикасни ресурси, како и конкурентни и климатски неутрални практики и стандарди.

Премиерот исто така потсети дека зелената агенда која ја спроведува Република Северна Македонија е важен двигател за земјата во контекст на енергетската криза во која се наоѓаме и дека само во изминативе неколку месеци во Северна Македонија започна со работа најголемата досега фотоволтаична електрана, која произведува струја од домашни ресурси, од македонското сонце, а ги задоволува потребите на многу домаќинства.

„Енергетската трансформација во транзицијата кон чисти извори на енергија, како и создавањето на систем кој ќе овозможи климатски отпорни економии е нашиот влог во иднината“, истакна премиерот Ковачевски.