Народниот правобранител позитивно се произнесе во однос на претставката што беше поднесена со помош на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ (СЗПМЗ), која најпрво беше иницирана од 40-тина мајки кои живеат во еднородителски семејства, вонбрачни заедници и брачни заедници, поддржани дополнително и од страна на останати осум организации, информираше Коалицијата СЗПМЗ.
Лицата и организациите што реагирале укажале на дискриминација врз основа на брачен и семеен статус и религија во областа на образованието.
Поради ваквите дискриминаторски содржини во учебникот „Општество“ за четврто одделение на авторката Билјана Живковиќ, тој ќе биде биде ревидиран и во однос на спорните содржини ќе претрпи измени, се вели во соопштението од Коалиција СЗПМЗ, која напоменува дека такви гаранции дала и министерката за образование.
На страница 18 во учебникот се учи за брачен живот и за брачни улоги и меѓу другото се бара од учениците да залепат фотографија од свадбата на родителите или да ги нацртаат, притоа да одговорат кога нивните родители стапиле во брак и на која возраст, колку години се во брак и оставено е на учениците да заокружат, дали родителите се венчале во матично (општина), црква или друго.
„Ваквата вежба, како што е зададена во учебникот, е дискриминаторска и вознемирувачка за цели групи родители и деца кои не живеат во конвенционални брачни односи и семејства, и тоа: за децата од еднородителски семејства, чии родители се разведени или, пак, еден од родителите е починат, непознат или исчезнат, деца кои живеат со роднини, деца без родители, деца чии родители живеат во вонбрачна заедница, па дури и децата чии родители стапиле во брак, но решиле да не направат свадба. Вежбата не дава можност децата од неконвенционалните семејства и брачни односи без вознемиреност и стигматизација да ги претстават односите во своето семејство или дом, бидејќи бракот како заедница и свадбата како начин на прослава, се претставени како единствено „нормални“ заедници и поведенија“, се вели во соопштението.