Пожарите досега проголтаа 8.803 хектари шумска површина во земјава

Фото: Мета.мк

Извештајот на Јавното претпријатие Национални шуми за штетите од овогодинешните пожари во земјава, заклучно со 15 август, покажува дека со пожарите била зафатена површина од 9.907 хектари, од кои 8.803 хектари отпаѓаат на површини со шуми или завршиле во шуми, при што изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса, информираат од владината прес-служба.

Владата на вчерашната седница го усвои Извештајот на ова јавно претпријатие и истовремено го задолжи ЈП Национални шуми да донесе програма за пошумување со план за активности уште во текот на оваа есен.

Дополнително, Владата го задолжи ова јавно претпријатие целокупната количина опожарена дрвна маса како последица од пожарите да остане во сопственост и со неа целосно да стопанисува ЈП Национални шуми.

Воедно, по препорака на Главниот штаб за управување со кризи, Владата донесе одлука за укинување на забраната за движење во шуми и шумски предели, и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да спроведуваат засилени контроли за заштита и спречување на пожари на отворено.

Инаку, „Мета.мк“ веќе пишуваше дека за обнова на уништените шумски површини ќе бидат потребни од две до пет децении, колку што е потребно да израснат новите дрвја што ќе бидат посадени на изгорените голини. Шумите се клучен фактор кои имаат влијание врз климатските промени, но и чувствуваат негативни последици од пожарите и природните непогоди што настануваат од покачувањето на просечните температури на воздухот во светски рамки.

Имено, веќе пишувавме дека во земјава, во годините кога нема големи шумски пожари, според достапните податоци, шумите имаат позитивно влијание преку апсорбирање на штетниот јаглерод диоксид што е испуштен во атмосферата. Наспроти ова, во годините како актуелнава, кога се опустошуваат големи површини под шуми, запалените дрвја се извор на аерозагадување и испуштање на огромни количини јаглерод диоксид, кој пак е главниот причинител за зголемување на просечните температури на воздухот.