Повеќе од половина од домаќинствата кои се греат на дрва не се подготвени да ги сменат старите печки

Photo by Pietro De Grandi on Unsplash

Повеќе од половина од семејствата кои се греат со печки на дрва во земјава не се подготвени да го сменат начинот на затоплување на домот, покажува истражувањето презентирано на втората национална работилница на проектот „Партнерство за попаметно греење“ во организација на Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко свест“. Во текот на проектот беа спроведени регионални истражувања поврзани со загревањето на домаќинствата, меѓу кои и достапните технологии, можностите за финансирање на промената и перцепцијата на граѓаните во однос на греењето во национален контекст.

Истражувањето спроведено во С. Македонија покажува дека 53 отсто од испитаните домаќинства не сакаат да го сменат системот за греење, а само десет отсто се подготвени на таков чекор. Останатите домаќинства ќе се преориентираат на помодерен и поеколошки начин на затоплување само ако добијат неповратна финансиска помош. Причините за да го направат тој чекор најчесто се заради тоа што печката им е многу стара и неефикасна или пак затоа што греењето на дрва бара многу физички труд и подготовки.

„Од домаќинствата во земјава, кои беа опфатени во истражувањето, 38 отсто се греат на шпорет на дрва или јаглен, 18 отсто на клима уреди, а другите уреди за затоплување на домот се застапени во многу помали проценти. Половината од домаќинствата ги греат само оние соби каде што седат, а не целата куќа, но голем процент, 79 отсто се задоволни од тоа како се затоплени. Речиси половина од испитаните, или 45 отсто кажале дека воопшто немаат клима, а 33 отсто од тие што ја имаат ја користат и за греење и за ладење. Околу 60 отсто имаат само едно грејно тело дома, а останатите имаат две или повеќе“, вели Мевлија Грбовиќ од компанијата ИНДАГО, која го спроведе истражувањето.

Најголемиот дел од домаќинствата старите печки би ги смениле за инвертер клима, потоа за топлотна пумпа и за парно греење. Сепак, огромен дел, 70 отсто изјавиле дека за ваква инвестиција не сакаат да земат кредит, а само 19 отсто се изјасниле дека прифатлива инвестиција им е до 300 евра. Она што може да ги натера да го сменат начинот на греењето е позитивниот пример од семејството или пријателите, како и понудата од производители или трговци. Сепак, една третина од домаќинствата изјавиле дека воопшто и не можат да си дозволат замена на стариот шпорет.

„Ова значи дека Општините мора да имаат различен пристап на начин кој ќе им излезе во пресрет на различни типови потрошувачи и нивните потреби. Дури и на оние кои нема да го сменат шпоретот на дрва да им укажат дека мора да користат суво дрво или да ги исчистат оџаците за да го намалат загадувањето на тој начин“, вели Стеван Вујасиновиќ од РЕС Фондација.

Општините, смета тој, мора да се поврзуваат и да споделуваат искуства. Еден од начините трансформацијата на уредите на затоплување кон помодерни и еколошки веризии да биде поефикасна и поуспешна е да се искористи желбата и да им се помогне на оние кои изјавиле дека се подготвени, кои потоа би извршиле влијание кај своето семејство или пријатели. Заедничкиот настап со општините треба да биде пример и за Градот Скопје, смета Никола Јовановски претставник од градската администрација. Тој вели дека заедничкото и координирано субвенционирање на Градот и десетте општини е политика која ќе има позначително влијание во менувањето на состојбите, а и ќе обезбеди помошта да биде соодветно и рамномерно дисперзирана во сите општини.