Посетители го преполнија берлинскиот музеј „Пергамон” пред долгогодишното затворање

Туристите чекаат долги редови пред музејот „Пергамон” со надеж дека ќе добијат билети во последен момент, кои инаку се распродадени.

Извор на фотографија: © Raimond Spekking / CC BY-SA 4.0 (via Wikimedia Commons), CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=12178

Огромен број посетители бараат да влезат во берлинскиот музеј „Пергамон” за да ги видат светско познатите богатства вклучително и древната вавилонска порта Иштар, пред музејот да се затвори во недела поради долгогодишно реновирање, пренесува германската агенција ДПА.

Музејот е меѓу најпопуларните во цела Германија и ќе биде целосно затворен четири години. Дополнително, некои делови од музејот се очекува да останат затворени до 2037 година.

Северните и централните крила на зградата, кои го вклучуваат познатиот и масивен античко-грчки пергамонски олтар, веќе се без јавен пристап цела деценија. Тој дел од музејот се очекува повторно да биде отворен во 2027 година.

Туристите чекаат долги редови пред музејот „Пергамон” со надеж дека ќе добијат билети во последен момент, кои инаку се распродадени. Музејот го продолжи работното време во последните неколку дена за да се обиде да ја прими гужвата.

Музејот е граден помеѓу 1910 и 1930 година и се смета за еден од најважните делови на берлинскиот музејски остров. Островот претставува збир музеи во срцето на германската престолнина што се означени како светско наследство на УНЕСКО.

За време на интензивното реновирање, огромните неподвижни дела во музејот, кои тежат многу тони, ќе бидат заштитени со чувствителни сензори за да не се оштетени од вибрации или влага. Вкупните трошоци се очекува да достигнат 1,5 милијарди евра.