Фото: Мета.мк

Поминаа повеќе од два и пол месеци откако во Врховниот суд се одржа јавното рочиште во однос на жалбите поднесени од страна на одбраната во случајот „Диво Насеље“, но судиите на советот на Врховниот суд сѐ уште не донеле одлука за предметот, пишува Порталб.мк.

Порталб.мк се обрати до Врховниот суд за да дознае до каде е постапката за одлуката. Од Врховниот суд образложија дека предметот е многу сложен и поради тоа немаат донесено одлука.

„Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми информира дека со допис се обратила до претседателот на Советот и со копија до судијата известител за овој предмет, барајќи информација за текот на предметот и во која фаза е постапката. По добивањето на информациите со допис од страна на судијата известител за гореспоменатиот предмет, ве информираме дека се работи за комплексен предмет. Истиот е во фаза на донесување одлука и штом таа ќе биде донесена, како и досега, јавноста ќе биде веднаш информирана“, велат од Врховен за Порталб.мк.

Не постои закон или правилник што го обврзува Советот на Врховниот суд во определен рок да донесе одлука од денот на одржувањето на јавното рочиште.

Според важечките законски одредби, работењето на судиите во Советот е независно и дури ни претседателот на Врховниот суд нема законска надлежност да вмеша во нивното работење. Претседателот има право само да бара информации од Советот во врска со текот на постапката.

Меѓутоа, оваа самостојност што ја уживаат членовите на Советотсудиите понекогаш и ја злоупотребуваат. Случај на злоупотреба на независноста беше тој со Насер Ештрефи, при што врховните судии пет години го одолговлекуваа предметот и дури потоа го вратија на првостепено судење.

За одложување на усвојувањето одлука Порталб.мк, го алармираше Судскиот совет, како највисок орган кој, меѓу другото, избира и разрешува судии. Тие велат дека ќе разговараат за ова на состанок и ќе ги видат законските опции за акција.

„Имајќи предвид дека предметот за кој прашувате е во Врховниот суд, во моментов го оставаме мислењето со нивниот одговор во врска со нивното постапување и одлука. Судскиот совет ќе има можност да ги отвори овие прашања во колегиумот, вклучително и судското досие за кое имате интерес, за да се дефинира позиција во согласност со законските можности и како може да се постапува“, рекоа за Порталб.мк од Судскиот совет.

Според процедурата, откако Советот на Врховниот суд ќе ја усвои одлуката за предметниот случај, тогаш судиите имаат рок од 60 дена да ја подготват и да го соопштат на јавноста. Според официјалната статистика на судот, само во текот на 2020 година, Врховниот суд разгледал 2.512 случаи од сите видови.

Инаку, за случаот „Диво Насеље“, во февруари 2016 година во Кривичниот суд во Скопје се одржа судењето против 29 лица, кои беа обвинети за сторено кривично дело „Терористичка организација“ и „Тероризам“. Сите 29 обвинети пред судот се изјаснија за невини. Случајот подоцна беше споен со „Молња“, во кој се водеа постапки против 8 лица за помош на вооружената група, при што групата обвинети се зголеми на вкупно 37. Од нив, 33 беа осудени за прекршоци, додека 4 лица беа ослободени.

Кривичниот суд осуди 7 претставници на групата на доживотен затвор, додека 13 други беа осудени на по 40 години затвор. 5 лица беа осудени на 20 години затвор, 1 обвинет на 12, додека 2 беа осудени на 14, 13 и 12 години затвор. Вкупно, обвинетите беа осудени на 746 години затвор и 7 доживотни затворски казни.

Пресудата подоцна беше потврдена од Апелацискиот суд, и сега е во рацете на Врховниот суд, највисокиот суд во земјата.

Врховниот суд има можност да го врати случајот на повторно судење или да побара повторно разгледување на случајот, додека ако ја потврди пресудата, за обвинетите „вратите се затворени“ за барање правда во Северна Македонија, односно тие тогаш можат да се жалат во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.