До вчера вечер во земјава биле попишани 1.768.710 граѓани, 548.694 домаќинства и 795.494 станови. Во однос на дијаспората, до изутринава се самопопишале 201.247 наши иселеници, информираат од Државниот завод за статистика.

Владините портпароли денеска апелираа до сите оние граѓани кои од кои било причини досега не успеале да остварат контакт со попишувачите, но и до оние граѓани кои во овие два дена нема да бидат дома, да ја остварат својата законска обврска во пунктовите за попишување во своите општини.

На новинарско прашање за тоа дали ќе биде потребно дополнително време за пописот, владините портпароли посочија дека на вчерашната владина седница не се разговарало за ова и дека сите капацитети се насочени кон тоа да биде завршена операцијата во законскиот рок, односно до утревечер.

„Секако последниот збор ќе има Државниот завод за статистика. Она што се информациите оттаму е дека на неполни два дена до завршувањето на теренското попишување на целата територија на државата се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови, во Скопје каде што има најголема концентрација на население сите расположливи капацитети на попишувачи се на терен и ги посетуваат домаќинствата кои досега не биле посетени. Ова активност ќе се спроведува до самиот крај на пописот, тоа е до утре, четврток до 20:00 часот“, посочија портпаролите.

И министерот за правда, Бојан Маричиќ денеска изјави дека верува оти попишувањето ќе заврши до крајот на планираниот рок.

„Одредени реони се целосно попишани, па попишувачите од таму одат да помогнат во реоните каде што има потреба. За сè друго, ќе ја информираме јавноста навремено“, рече министерот Маричиќ.