Фото: Мета.мк

Врховниот суд ја потврди одлуката со која го врати на повторно судење предметот на Насер Ештрефи, осуден на 14 години затвор за убиството на матурантот Сашо Петковски во мај 2014 година, пишува Порталб.мк. Според порталот на албански јазик, наодите на одбраната тврдат дека Кривичниот суд и Апелациониот суд го осудиле Ештрефи без да ги утврдат фактите.

„Случајот е вратен на повторно судење“, рекол судијата Трпков за Порталб.мк, додавајќи дека не ги знае причините за таквата одлука бидејќи работи во одделот за организиран криминал.

Порталб.мк, веќе 5 години по ред, пишува и се занимава со овој судски случај. Десетици пати новинарите бараа одговори во електронска форма, преку е-пошта, па и со официјални барања, но Врховниот суд во текот на целиот овој период не најде за сходно да ги наведе причините за одолговлекување на предметот. Дури и кога потврдија дека е усвоена одлуката, не наведоа како гласи конечната одлука.

Од друга страна, судијата Илија Трпков кој го упати предметот, за Порталб потврдил дека Врховниот суд ги отфрлил пресудите на Кривичниот суд и на Апелациониот суд и го вратил предметот на повторно судење.

Според официјалната верзија на Судот, во мај 2014 година, Ештрефи му го украл велосипедот на матурантот Петковски. Петковски и неговиот татко Сашо тргнале по Ештрефи, и кога го престигнале се случила борба помеѓу нив при што Ештрефи го прободел со нож матурантот Петковски.

Ештрефи изјави дека се чувствува виновен само за кражбата, но не и за прободувањето, бидејќи тој знаел дека го гонеле, но немал намера да убие никого, додека тој претходно нема сторено никакви кривични дела. Семејството на Ештрефи постојано бара намалување на казната.