Фото: Порталб

Иако помина повеќе од 1 месец откако беше формирана Комисијата за булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово, која е предвидено да понуди решение за имотно-правните прашања на жителите чиишто домови треба да се урнат, oваа комисија сѐ уште не излегла на терен и е нефункционална. Од општина Тетово одбиваат да дадат одговор за ова, пишува Порталб.мк.

Седумгодишното ветување на градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи почна да се конкретизира во последните месеци од нејзиниот втор мандат. Меѓутоа, отворањето на овој тетовски булевар налага и уривање на неколку куќи, и не сите се задоволни со ова.

Се работи за околу 17 странки кои ќе треба да потпишат договор според кој се согласни да се изврши експропријација на нивните имоти од страна на општинските власти, а за замена, понудени им се финансиски средства. Од нив, само три странки се незадоволни, и тоа, како што велат од општина Тетово, воглавно се работи за проблеми што тие ги имаат меѓу себе. Поради оваа причина, на 28 јануари беше формирана „Комисијата за Благоја Тоска“.

Освен формирањето на оваа комисија и одобрувањето на истата со мнозинство гласови од општинските советници на општина Тетово на јануарската седница, не е преземен било каков конкретен чекор за реализација на обврските на оваа комисија.

Членот на комисијата од редовите на Алијансата за Албанците (АА), Ариф Селами, прстот го вперува кон претседателот на општинскиот совет, Беким Мемети. Селами нагласи дека чека на повикот за да излезе на терен и комисијата да се стави во функција.

„Вистина е дека претседателот на советот, нас координаторите нѐ вклучил во таа комисија. Јас сакав да бидам дел од таа комисија бидејќи сакам да сум присутен при реализацијата на еден многу витален проект за општина Тетово. Ние не сме излезени на терен, и работата е дека треба да почнеме. Претседателот само еднаш има спомнато кога ќе почнеме и јас им кажав кога сум слободен да се сретнам со странките што не се согласуваат за остварувањето на проектот. Значи, тоа се 17 странки на кои им е започната постапката на експропријација, има неколку странки кои не се согласуваат со вредноста на оштетата што треба да им се исплати. Останува да излеземе на терен“,  рече Ариф Селами, советник на Алијансата на Албанците (АА).

Кои се членовите на „нефункционалната Комисија за булеварот Благоја Тоска“?

Порталб.мк го обезбеди решението за основање на комисијата, во кое се наведени сите имиња на членовите кои треба да излезат на терен и да ги решат конкретните спорови пред отпочнувањето на изградбата на булеварот, а во решението се наведени и обврските на комисијата.

Се работи за вкупно 7 члена, и тоа: Беким Мемети (ДУИ), Горан Јовановски (ВМРО-ДПМНЕ), Бесар Дурмиши (Движење БЕСА), Ариф Селами (АА), Аднан Биљали (ДПА), Живе Алексовски (СДСМ), Минире Адеми (ДУИ).

Во документот се вели дека Комисијата има обврска да го следи спроведувањето на постапката за експропријација за булеварот „Благоја Тоска“.

Иако е основач и главен одговорен за функционирањето на комисијава, претседателот на општинскиот совет во Тетово, Беким Мемети, не одговара на прашањата на Порталб.мк за тоа кога се очекува членовите да излезат на терен и да ги извршуваат нивните задачи.

Теута Арифи: Започнавме со исплата на сопствениците на објектите

Без да ги открие конкретниот износ и нивната понуда, градоначалничката на Тетово истакна дека започнале со исплата на надоместокот за сопствениците на објектите што ќе им бидат одземени, и додаде дека на истите им е одреден рок до кога треба да ги напуштат домовите.

„Што се однесува до булеварот „Благоја Тоска“, при крај сме со постапката за исплата за експропријација. Истовремено, имајќи го предвид фактот дека ова беше една од нашите најважни заложби, сите тие што примиле надоместок добиле и информација и временски рок кога треба да ги напуштат нивните домови за да излеземе на терен и да ја отвориме трасата како и да се направат последните подготовки“, рече Теута Арифи, градоначалничка на Тетово.

Таа дополни дека дел од објектите што ќе се урнат не биле легализирани. Затоа, со цел сопствениците да не останат без надомест, општина Тетово ги легализираше овие градби и според Арифи „ова одземало доста време“.

Владата на РСМ, има доделено над 30 милиони денари на Општина Тетово за овој булевар

Најпрво, на 26 ноември минатата година, Владата на РСМ на општина Тетово ѝ додели 29,5 милиони денари за реконструкција на булеварот „Благоја Тоска“.

Тогаш од општина Тетово за Порталб.мк рекоа дека средствата ќе бидат искористени за експропријација на градбите што го попречуваат отворањето на овој булевар.

„Со ребалансот на буџетот, Владата на Северна Македонија додели вкупно 29 и пол милион денари за оваа намена, овие средства ќе бидат искористени за експропријација на објектите“ рекоа од Општина Тетово.

Околу 1 месец подоцна, на ден 27 декември, Владата на РСМ повторно додели средства за булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово, овој пат околу 1 милион денари, но овие средства ќе се искористат за неколку помали проекти.

Отворањето на овој булевар е ветено од страна на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи од нејзиниот прв мандат, и тоа од 2013 година а не е остварено. Порталб.мк неколку месеци порано го подготви „маратонот“ на седумгодишните ветувања на Теута Арифи за овој булевар.

Инаку, состојбата на локацијата каде треба да се гради овој булевар моментално е бедна, таму може да се види сешто: возила, кал, нечистотија, корисници на дрога, но не и градежна машинерија. Отворањето на булеварот ќе претставува еден од најефикасните начини за олеснување на оптоварениот сообраќај во Тетово.