Фото: Арбнора Мемети

Од прогласувањето на независноста на Северна Македонија во 1991 година, државните институции јасно ставија до знаење дека членството на земјата во Европската Унија е еден од главните стратешки интереси.

Додека зборуваме денес, земјите на ЕУ во март гласаа за отворање преговори за пристапување на државата кон оваа унија. Истражувачот за европски прашања Иван Николовски смета дека во оптимистичко сценарио, на државата ќе и требаат најмалку седум години преговори со ЕУ до членство.

Од друга страна, експертот Албулена Халили, смета дека ако работите одат добро, државата ќе биде полноправна членка на ЕУ во 2030 година, додека за песимистичкото сценарио, тие ги споменуваат недоразбирањата со соседите, внатрешните работи, Охридскиот договор итн, пишува „Порталб.мк“.

Според Иван Николовски, истражувач во Центарот за европска интеграција при Институтот за демократија, доколку се одржи меѓувладината конференција закажана за декември, се очекува преговорите да започнат веднаш тој месец. Тој зборуваше за спорот со Бугарија и обидите на државата да го реши ова прашање, додавајќи дека Бугарија има можност да го блокира усвојувањето на преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ.

„Република Северна Македонија во моментов е во исчекување на дефинирањето на преговарачката рамка од страна на земјите-членки на Европска Унија. Доколку таа биде усвоена во ноември, се очекува првата меѓувладина конференција да се одржи во декември, а со тоа да започнат и официјално преговорите за членство. Сите сме свесни дека постои проблематизирање од страна на Бугарија во однос на македонскиот јазик, како и историските прашања, што претставува долгогодишно недоразбирање помеѓу Скопје и Софија, а како прашање е содржано во Рамковната позиција кое бугарското собрание ја усвои минатата година, но и во објаснувачкиот меморандум објавен минатиот месец што Бугарија го прати до останатите земји-членки. Нивното право како земја-членка да го блокира усвојувањето на преговарачката рамка останува. По однос на ова прашање, Северна Македонија, неодамнешните изјави на премиерот Заев и вицепремиерот Димитров, ги дефинираат црвените позиции во однос на јазикот, односно не се прифаќа предлогот македонскиот јазик да биде ословуван како службен јазик на РСМ. Во однос на историјата, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, го поддржува интензивирањето на работата на Комисијата за историските прашања и ги повикува историчарите да се обидат да најдат поблаг тон во однос на улогата на Бугарија во Втората Светска Војна“, вели Николовски за „Порталб.мк“.

Николовски додаде дека изјавите на Заев дека не е неопходен нов договор со Бугарија, туку само декларација што ги обврзува државите да не се мешаат во внатрешните работи на соодветните држави се парадоксални, бидејќи според него, на ова не задолжува Уставот, како и прелиминарниот договор за добрососедство, така и НАТО.

„Премиерот Заев смета и дека не е потребен нов договор со Бугарија, но дека може да се потпише една декларација со која Северна Македонија се обврзува дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија, ниту ќе го загрози нејзиниот територијален интегритет. Ваквата изјава е нејасна со оглед што Северна Македонија и во својот Устав како највисок правен акт, како и во договорот за добрососедство, се обврзува дека нема да посегнува по внатрешните работи и територијалниот интегритет на другите држави, односно Бугарија. Дополнително, со самото членство во НАТО, Северна Македонија и Бугарија се обврзани на заедничка одбрана што ваквиот став го прави парадоксален. Освен идентитетските прашања, на внатрешен план, Северна Македонија е соочена со предизвикот да воспостави професионална и одржлива преговарачка структура, отпорна на промени на власта. Вицепремиерот за европски прашања Димитров обелодени дека на Северна Македонија ќе ѝ бидат потребни 3.000-4.000 експерти кои преку својот придонес во пристапните преговори, ќе ја подготват државата да стане рамноправна членка на Унијата“, додава Николовски.

А пак, на прашањето кога Северна Македонија во оптимистичко сценарио може да стане членка на Европската унија, тој рече:

„Неблагодарно е да се зборува за рокови за тоа кога земјата ќе биде членка на Европската унија, со оглед на безброј фактори кои влијаат на ова. Сепак, од технички аспект, согласно новата Методологија за преговори, Македонија може да ги заврши преговорите во некоја временска рамка од 7 години.“

А пак, според експертот за меѓународни односи, Албулена Халили, во оптимистичко сценарио, државата би била полноправна членка на Европската унија во 2030 година, во случај на решавање на прашања што, според Халили, ја попречуваат државата на патот кон ЕУ.

„Оптимистичко сценарио, 2030 година. Во оптимистичкото сценарио гледам решавање на внатрешни прашања што го попречуваат процесот на членство во ЕУ, како што се: имплементација на усогласени законски одредби според Aquis Communitaire, зајакнување на демократијата и владеењето на правото, реформа на судството, реформа на јавната администрација, борба против корупцијата и организираниот криминал, заштита на основните права, слобода на изразување, реформи во економската сфера и така натаму “, истакна Халили.

Во меѓувреме, во песимистичко сценарио, Халили не дава конкретен датум, сепак, причините зошто може да се постигне ова сценарио, според неа, се две, имплементација на Охридскиот договор и односите на земјата со соседите.

„Прво, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, иако е нагласено во секој документ на Европската комисија, како предуслов за членство во ЕУ, мислам дека е надминато. Охридскиот договор претставува документ потпишан по крајот на еден конфликт, пред скоро две децении и во сосема поинакво политичко и геополитичко опкружување, а уште повеќе што рокот за негово спроведување е одамна истечен. Овој договор е извор на сите глупости што произлегуваат од бесмислениот концепт на 20% народ. Во меѓународното право е позната клаузулата rebus sic standibus што го прави договорот невозможен за спроведување заради фундаментални промени на околностите. И второ, пречките поврзани со односите со соседите или спроведувањето на потпишаните договори, со Грција за името и со Бугарија, за добрососедство. Во првиот случај, имаме два условени фактори за негово спроведување: силното спротивставување на македонската опозиција, но и на значително мнозинство од македонскиот народ, односно недостаток на кохезија на Македонците и негирање на албанскиот елемент во овој договор. А пак, во вториот случај се работи за пречки што ги најави другиот сосед, Бугарија, во врска со спорните прашања на македонскиот јазик, идентитет и историја. На овие пречки би ја додал третата пречка, српската, која е поврзана со црквата, што може да се појави во случај Србија да влезе во ЕУ пред Северна Македонија“, додаде Халили.

Што треба да направи една земја за да биде примена во Европската Унија?

Договорот за Европската Унија јасно наведува дека секоја европска земја има право да аплицира за членство во оваа унија.

Сепак, за членство постојат некои услови и критериуми што земјата која се стреми кон членство мора да ги исполни, во 1993 година овие критериуми беа претворени во документ, за време на самитот на лидерите на ЕУ во Копенхаген, така што истите се нарекуваат критериумите од Копенхаген, и тие се:

1. Политички: Земјата мора да има стабилни институции, институции кои работат врз основа на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права и заштита на малцинствата.

2. Економски: Државата мора да има капацитет да се соочи со конкуренцијата и пазарните сили на Европската Унија.

3. Преземање на обврски за членство: Паралелно со членството на земјата во Европската Унија, земјата ќе има многу обврски за кои ќе треба да биде способна да ги исполни.

Инаку, на 6 октомври, Европската комисија го објави извештајот за напредокот на Северна Македонија во кој, меѓу другото, се наведува дека земјата е умерено подготвена за реформи во судството, јавната администрација, борбата против корупцијата и организираниот криминал, сите клучни области за интеграцијата на земјата во Европската Унија.