fbpx

Порталб: Именувањата на високи позиции се партиски и без постапка за одредување на квалитетот, проблемот нема решение

-

Институциите во Северна Македонија речиси секогаш се раководени од партиски имиња со непозната стручна подготовка, на грбот на квалификуваните компетентни и заслужни професионалци. Неопределената актуелна законска рамка ја дозволува злоупотребата и распределбата на позициите преку нетранспарентни постапки врз основа на пријателски врски, проценува документот на ИДСЦС – за јавни политики „Висока раководна служба: Дистинкција меѓу политичкото и професионалното“. Законот за високата раководна служба, кој треба да го реши овој проблем, е во припрема веќе неколку години и одговорноста за негова целосна изработка се пренесува на разни институции. Тоа што се очекува е решавање на долгогодишните проблеми со нетранспарентните именувања и партиската распределба на позиции кои се основа на политичките коалиции на грбот на квалитетните избори, пренесува Порталб.мк.

„Законот треба да обезбеди изборот и именувањето да бидат врз основа на заслуги и најсоодветните кандидати да се изберат за одредена висока позиција. Како се именува во РСМ? Именувањето на луѓето на високи позиции е тема на јавна дискусија во Република Северна Македонија, и од година во година се соочува со истите проблеми за кои предложените решенија не се спроведени целосно. Еден од главните проблеми се партиските именувања на луѓето верни на владеачките структури без претходна постапка за одредување на квалитетот на кандидатите. Постапките честопати се нетранспарентни од почеток со (не)објавување на огласот, потоа со постапките за проценување и на крај со изборот на лицето што треба да раководи еден државен орган“, се вели во документот.

Оваа долгогодишна пракса на избирање, се проценува понатаму, го става под сомнеж целиот процес, но и способноста на кандидатот за да направи суштински промени на работното место. Сето ова „се овозможува“ од недостатокот на една законска рамка што би го регулирала именувањето и би ги одредувала критериумите за избирање во висока раководна служба.

„По секое менување на владиниот состав, сведоци сме на именувања мотивирани од создавањето на коалициите и распределба на позициите меѓу политичките партии, наместо ставање соодветни професионалци на тие места. Најчесто, распределбата на позициите се одвива во рамки на партиите. Но, тоа што може да се забележи е дека квалитетот на предложените кандидати за високи позиции во текот на годините станува забележливо понизок. Ова покажува дека самите партии или немаат квалитетен кадар, или немаат процес и јасни критериуми за внатрешна селекција, па затоа влијанието во партијата одредува кој ќе биде именуван на одредена позиција во раководната служба“, се вели во документот на ИДСЦС.

Заобиколувањето на процесот на именувањата се случува и преку поставувања на партиски имиња на позициите Вршител на должност (ВД). Според законодавството, функциите (ВД) се предвидени за надминување на непредвидени ситуации до пополнување на раководните позиции преку распишување на јавен оглас. Честопати овие лица остануваат во позиција и по завршување на шестмесечниот период кој е одреден со закон, или се менуваат со други имиња од истата политичка партија.

„Оваа пракса, каде што јасно се гледа дека одредена позиција е доделена на одредена политичка партија во коалиција, ја демотивира конкуренцијата и конкурирањето на кандидатите кога на крај ќе биде распишан јавен оглас. Праксата на ВД која се користи како начин за да се именуваат директори без распишување на оглас за именување, треба да се ограничи и да се остави можност за именување на ВД-а единствено при екстремна потреба за функционирање на институцијата“, се истакнува во документот.

Позициите и стандардите на меѓународната заедница

Подобрувањето на административните капацитети, како и целосната реформа на јавната администрација, е долгорочен процес, кој треба да нуди одредени услуги и внатрешни капацитети што ќе бидат на повисоко ниво. Неколку стратешки документи ги поставуваат департизацијата и инвестирањето во капацитетите на јавната администрација како главни приоритети. Постигнувањето на овие приоритети е долгорочен процес што почнува пред самото избирање, со јавен и транспарентен оглас што ќе биде пристапен до кандидатите.

Препораката на Организацијата за соработка и економски развој (ОСЕР) за јавниот интегритет е членовите да ја промовираат професионалноста и јавниот сектор да биде основан на заслугите и вредностите на доброто менаџирање. Управувањето со човечките ресурси треба да се спроведува на конзистентен и транспарентен начин, што ќе го намали притисокот од политичките влијанија, фаворизирањата и непотизмот. Исто така да се нуди отворен и праведен систем, основан на објективни критериуми, формални постапки и систем на оценување што ја поддржува отчетноста. Во извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија за 2022 година на јасен начин се вели дека земјата е просечно спремна во поглед на реформите на јавната администрација, но и дека препораките од минатата година не се спроведени целосно. Една од нив е донесување на новиот Закон за високата раководна служба, кој земјава треба да го донесе и да започне да го спроведува во наредниот период. Заедно со другите закони (Законот за административните службеници, Законот за вработените во јавните служби) треба да го подобри управувањето со човечките ресурси на администрацијата и да обезбеди поголем број на вработувања, унапредувања и откази од работа врз основа на заслуги, вклучувајќи го и раководното ниво.

Каде е новиот Закон за високата раководна служба?

Создавањето на Законот за високата раководна служба веќе години наназад се пролонгира и одговорноста за недонесување на истиот преминала преку неколку институции. Едно предложено законско решение за високата раководна служба во Република Северна Македонија е изработено во 2019 година и е предадено од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, потоа е определено на владина седница, по што предлогот е предаден во Собрание, односно во Комисијата за политички системи. Предлогот се повлече од собраниска постапка од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, една година по негово појавување и пред да биде дискутиран од страна на пратениците на пленарна седница. Причините за повлекување се дополнување и усогласување на членовите во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници. Процесот на финализирање или создавање на нов закон продолжува зад затворени врати веќе подолго од една година. Во мај 2022 година, во Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР) приложено е известување за отпочнување со изработка на новиот закон за висока раководна служба, со рок каде што пишува дека нацрт-текстот ќе биде објавен на 10 мај 2022 година. Предложениот текст не беше поставен во првично планираниот период, по што Министерот за информатичко општество и администрација во неколку јавни презентации изјави дека е во дополнителна консултација со коалициските партнери. Министерот нагласи дека законот ќе прави разлика меѓу политичките и раководните позиции во институциите и дека ќе постави јасни механизми за избор, надзор и оценување врз основа на заслуги и со ограничена можност за злоупотреби.

Процесот на креирање на Законот треба да биде сеопфатен и консултативен и наместо консултацијата да биде само со политичките партии, потребно е да биде вклучена професионалната јавност и да се отвори јавна дискусија. Законското решение треба да предвидува измени и да овозможи именување и избор на професионалци во областа, врз основа на нивната компетентност, оставајќи ги настрана личните контакти и врски. Главната разлика треба да биде формирањето на една комисија, чија цел е да креира совети за избор на високи раководни лица, да раководи со постапките за избор на високи раководни лица и да посредува меѓу раководните функционери и високите раководни лица во случаи на спорови во врска со предвремениот крај на мандатот на високите раководни лица. Истовремено оваа комисија треба да одлучи за нивно разрешување и оценување на работата.

Суштинската промена што треба да ја донесе новиот закон е всушност една поинаква пракса од актуелната, преку поставување на посредување меѓу именувани функционери и изборен процес што се основа на модерните тенденции за вработување на професионалци. Во суштина, покрај ова посредување, самиот процес што би го поставил предложениот закон е деталната идентификација на профилот на раководителот што се бара и на компетентноста што е потребна за да се остварат целите. Комисијата треба да работи со интегритет и да ги спроведува постапките за избор на високите раководни лица на транспарентен начин, под претпоставка дека новите позиции се основани на функционалните потреби на институциите.

Препораките за оваа област

  • Законот за високата раководна служба треба да се креира во еден сеопфатен процес во кој ќе бидат вклучени што повеќе засегнати страни.

Консултацијата само со политичките партии во процесот на креирање на Законот за високата раководна служба, го става под сомнеж процесот, но остава и можност за креирање закон според потребите на партиите. Вклучувањето на експертската јавност во процесот ќе донесе една посеопфатна перспектива на законот, со крајна цел креирање на спроведливо и функционално законодавство.

  • Треба да се донесе Законот за високата раководна служба и да се почне со негово спроведување

Во согласност со препораките на Европската Комисија во изминатите извештаи, Законот за високата раководна служба треба да се донесе што е можно побрзо и да се почне со применување. Пролонгирањето на носењето на законот резултира со продолжување на праксата на нетранспарентните и неквалитетните именувања на високи позиции. Изборот треба да биде јасен процес основан на компетентноста и заслугите на кандидатите и треба да се затвори со транспарентна објава на избраниот кандидат.

  • Да се прави јасна разлика меѓу политичките позиции и стручните функции кои ќе имаат капацитет за раководење со институциите.

Именувањето на професионалците врз основа на нивните заслуги и компетентност доведува до долгорочно намалување на ризиците од корупција и зајакнување на јавните услуги. Ова промовира перспектива и вредности што ги зголемуваат посветеноста и квалитетот на вработените и ѝ контрира на тежината на политичките моќници. Квалитетни кандидати именувани преку транспарентни изборни процеси резултираат со поголема доверба во институциите и зголемување на продуктивноста и ефикасноста во услужувањето на граѓаните и стопанската заедница, како и со добро менаџирање.

Изборот на високите раководни служби врз основа на начелото на заслужност и компетентност на кандидатите е основа за соодветно раководење со институцијата и управување со ресурсите. Стручноста на високата раководна служба и донесувањето на законот што ќе ги одреди сите стандарди на избирање и функционирање е вечен проблем во Република Северна Македонија.

Реформите во администрацијата за Северна Македонија, освен што се потребни за граѓаните, се и услов за интеграција на земјава во ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...