fbpx

Породилното отсуство и замениците министри во сенка на депонијата во Струга

-

Собранието и денеска не гласаше за именувањето на замениците министри во Владата. Пратениците, на денешното пладневно продолжение на петтата седница, водеа паралелни дискусии за иницијативата за продолжувањето на породилното отсуство и за ситуацијата со пожарот во депонијата во Струга, за која пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа одржување на итна собраниска седница.

Пладневниот дел од седницата продолжи во тензична атмосфера, откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара собраниското обезбедување да го отстрани пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, од собраниската говорница бидејќи Ѓорчев излезе да говори без да добие дозвола од собранискиот спикер. По ова, група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја опколија собраниската говорница за да не дозволат обезбедувањето да стигне до Ѓорчев, по што собранискиот спикер даде 10-минутна пауза.

Во продолжението пратеникот Илија Димовски го обвини парламентарното мнозинство за двојни стандарди. Тој рече дека во случајот со загадувањето во Тетово и со комбинатот „Југохром“ СДСМ, како тогашна опозиција, ја кренала целата држава на нозе, а сега ја игнорира состојбата со депонијата во Струга, не сака да се дискутира за неа и бега од одговорност.

Влатко Ѓорчев, надоврзувајќи се, рече дека институциите за кои сега е одговорна новата Влада со денови не можат да изгаснат еден пожар во Струга. Тој го обвини мнозинството дека е неспособно да владее, бидејќи не може да се договори за кадровските решенија во вториот и во третиот ешалон.

На ова реагираше пратеникот Петре Шилегов од СДСМ, кој рече дека приказната со депонијата во Струга се повторува секоја година во изминатите 11 години и дека ако претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ била толку загрижена, досега ќе направела пристојни депонии.

Инаку, на денешната седница заврши дискусијата по иницијативата на 217 граѓани за продолжување на породилното отсуство, а заклучокот што го соопшти спикерот Џафери беше дека таа е неуредна. Пратениците по заклучокот ќе гласаат на седницата закажана на 22 јуни.

Пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски, рече дека оваа тема вреди за внимание и за јавна расправа, но она што ја спречува оваа иницијатива да влезе во понатамошна процедура се неколку правни неправилности.

– Во записникот за собирање потписи за подигнување на граѓанската иницијатива стои „измени на закон за породилно отсуство“ (наместо измени на Законот за работни односи). Таков закон македонскиот правен систем не познава. Затоа ние како пратеничка група решивме правно да ја отфрлиме, но одлучивме суштински да ја поддржиме оваа иницијатива и да им помогнеме на граѓаните – рече Кирацовски, кој ги повика пратениците да не се занимваат со политикантство и заеднички, низ правна процедура, да донесат законско решение со кое ќе им помогнат на родилките.

На одбивањето на СДСМ да ја прифати иницијативата, жестоко реагираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...