Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

Во отсуство на услугата „Добредојде новороденче“, со која се предвидува во рок од 48 часа, Клиниката за гинекологија да изврши упис на новороденчето и да му обезбеди извод на родени од службите за водење на матичните книги, граѓаните сè уште треба сами да направат упис на новороденчињата. Исто така, на граѓаните им се потребни серија документи за да ги уживаат своите законски права кога ќе станат родители.

Порталб.мк одблизу го следеше уписот на едно новороденче. Кога електронските услуги би функционирале како што треба, талкањето по шалтери би завршило со само неколку кликови на интернет.

За упис на новороденче, родителот има рок од 30 дена, а за тоа се потребни следниве документи:

  • Лична карта на двата родители,
  • Извод на венчани на родителите (не постар од 2007 година),
  • Барање за извод на родени за новороденче за што се уплатуваат 100 денари административна такса и 50 денари на сметката на Управата за водење на матични книги.

Отидовме за упис на новороденчето во Подрачната канцеларија за Водење на матични книги Скопје. Подрачната канцеларија работи според „Едношалтерски систем“. Оваа канцеларија, освен упис на новороденчиња, издава и изводи на родени, изводи на мртви, изводи на венчани, но и други услуги од други институции. Целта на „Едношалтерскиот систем“ е граѓаните да ги добиваат сите услуги на едно место.

Но, како функционира ова во практика?

Услугите што граѓаните може да ги добијат на „Едношалтерскиот систем“ се поделени на шалтери, а граѓаните чекаат пред нив, зависно од видот на услугата што ја бараат. Шалтерите ги имаат своите броеви за идентификација, а има и апарат кој дели броеви, преку кои клиентите го чекаат својот ред.

Во нашиот случај, ние добивме број за чекање на шалтерите 4 и 5, бидејќи само во овие два шалтери се врши упис на новороденчиња. Кога добивме број за чекање ред, го прашавме вработениот дали има многу луѓе пред нас, тој рече дека се тројца. За само тројца пред нас, нам ни беше потребно да чекаме час и половина за упис на новороденче.

Без разлика што пишуваше дека на шалтерите 4 и 5 се врши упис на новороденчиња, додека чекавме, и двата шалтери не работеа, всушност еднаш работеше шалтерот 4, а потоа тој се затвори и продолжи да работи шалтерот 5.

Поради ковид-19, не беше дозволено граѓаните да чекаат во просторијата во која се наоѓаа шалтерите, туку надвор. Заедно со нас, чекаа уште десетина други граѓани и беше вистински хаос.

Практично, на неколку шалтери имаше многу луѓе кои чекаа, а на некои други немаше воопшто луѓе, и ова е значењето на „Едношалтерскиот систем“– шалтерите се поделени во вид на „продавници“ и граѓаните доаѓаат и ги добиваат потребните услуги, но ова создава хаос бидејќи за неколку услуги има голема побарувачка додека за други помала. Ова значи дека „Едношалтерскиот систем“, не значи дека граѓанинот оди на еден шалтер и сите услуги ги добива на тој шалтер, туку оди во една институција во која има неколку точки во кои се даваат различни услуги и граѓанинот треба да чека посебно на секој шалтер, доколку сака да добие услуги од неколку шалтери.

Уписот на новороденче не траеше подолго од 10 минути, а службеникот ни рече дека извод на родени може да се подигне после 1 недела во подрачната канцеларија за водење на матични книги – Чаир.

Отидовме да провериме дали е готов изводот на родени, службеникот од подрачната канцеларија – Чаир, ни рече дека Централната канцеларија сè уште не го издала матичниот број, значи не е готов. Изводот го подигнавме после 10 дена.

Еднократна парична помош за новороденчиња

Поради недостаток на извод од матична книга на родени, не можевме да ги исполниме законските обврски за остварување на други законски права, како што е аплицирање за еднократна парична помош од 5.000 денари и доставување документи за породилно отсуство за мајката.

За еднократна парична помош, родителот мора да обезбеди извод од матична книга на родените на бебето, потврда од гинеколог, ако е прво, второ или кое било друго дете.

Со отпусното писмо за мајката од Клиниката за гинекологија, отидовме кај гинекологот да го земеме уверението, кое го добивме за еден ден.

Потоа отидовме во канцелариите на МВР во зградата на МРТВ, да добиеме потврда за местото на живеење на мајката. Истото го добивме една недела по поднесување на барањето.

Извод на родени за новороденчето

По комплетирање на документите, отидовме истите да ги доставиме до Канцеларијата за социјални работи во Општина Чаир, но не работеше, затоа моравме да ги испратиме во канцеларијата во Општина Бутел.

Породилно отсуство

За мајката да добие породилно отсуство, потребни се две потврди од гинеколог (една за Фондот за здравствено осигурување и една за работното место), копија од жиро-сметка, лична карта и пополнет образец од Фондот за здравство.

Потврдите од матичниот гинеколог ги добивме во рок од еден ден. Ги предадовме на работното место, а потоа отидовме во Фондот за здравствено осигурување. Постапката во Фондот не траеше повеќе од 20 минути.

Доколку електронските услуги функционираа правилно, талкањето по шалтери ќе завршеше со само неколку кликови на Интернет. Во отсуство на дигитализација, во ова време на пандемија, граѓаните, но и вработените се изложени на ризик да се заразат со корона вирусот, со оглед на гужвите пред шалтерите.

Прв дел: Регистрацијата на новороденчиња во Скопје повторно треба да ја прават родителите, болниците не ја даваат услугата.