Поради омикронот, фестивалот „Санденс“ ќе има виртуелно издание годинава

На две недели пред неговиот почеток на 20 јануари, фестивалот „Санденс“ соопшти дека овогодинешното издание на еден од најистакнатите филмски фестивали ќе се одржи виртуелно. Омикрон сојот што забрзано се шири низ САД ги одложи настаните со физичко присуство, закажани за периодот од 20 до 30 јануари.

„Санденс“ првично беше планирано за годинава да се одржи во хибриден формат, со прикажување на филмови и во Парк Сити во Јута, но и онлајн. Фестивалот во официјалното соопштение вели дека одлуката да се префрлат онлајн било тешко да се донесе.

„Како непрофитна организација, нашиот дух е да направиме нешто да функционира спротивно на шансите. Но, при прогнози дека бројот на заболени луѓе ќе достигне врв додека се одржува фестивалот, не можеме свесно да ги изложиме на ризик нашиот персонал и заедницата“, соопштија организаторите на фестивалот.

На овогодинешното издание на „Санденс“ се пријавија повеќе од 3.700 филмови, при што во фестивалската програма беа селектирани 82 долгометражни филмови. Одбраната програма за годинава ги одразува вознемирувачките и несигурните времиња во кои живеевме изминатата година и половина, велат организаторите на „Санденс“.