Поништувањето на тендерот за пречистителната станица во Скопје ќе го загрози членството во ЕУ

Фото: Мета.мк

„Да не сонуваме, нема членство на земјава во ЕУ ако не се изгради пречистителна станица за отпадни води во Скопје и во другите градови. Две и пол години се занимаваме со актуелниот тендер за изградба на скопската пречистителна станица, а ако тендерот на крај пропадне, ќе изгубиме уште три години на нов тендер. Времето на изведба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје е четири години, што значи дека со евентуален нов тендер нема до крајот на 2030 година да имаме функционален објект.“

На ова предупредува министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини по неодамнешните препукувања меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ околу тендерската постапка за пречистителната станица за отпадни води во Скопје.

Министерот Нуредини потенцира дека минатата недела се сретнал и со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), но и со евроамбасадорот Дејвид Гир, при што сите заедно велат дека актуелната тендерска постапка е во ред и сакаат да продолжи процедурата на тендерот со избор на најповолен понудувач. Инаку, ЕУ обезбеди неповратен грант за изградба на пречистителната станица во висина од 72 милиони евра, додека преостанатите средства се обезбедени преку кредит од ЕИБ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 137 милиони евра.

„Ако тие кажуваат дека е потребно да продолжиме, јас ќе го кажам истото што и тие го кажуваат. Ние две и пол години се занимаваме со овој тендер. Ако нешто не е во ред, верувајте ми дека ниедна банка нема да го потпише“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Министерот Нуредини вели дека евалуацијата на понудите на тендерската постапка е завршена и сега членовите на комисијата мора да седнат и да ја одобрат најповолната понуда за да се избере фирмата што ќе ја гради пречистителната станица за отпадни води во Скопје.

На вчерашниот брифинг со новинарите, министерот Насер Нуредини потенцираше дека за целосното прилагодување на земјата на барањата за членство во ЕУ во секторите Вода и Управување со отпад ќе бидат потребни околу 3 милијарди евра, при што две милијарди ќе се неопходни за делот на секторот води. Тука влегуваат и пречистителните станици за отпадни води.

Министерот рече дека земјава може целосно да го усогласи своето законодавство со европската регулатива, но ако не се изгради самата инфраструктура на терен, тогаш Македонија никогаш нема да биде членка на ЕУ.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека договорот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје очекуваат да се потпише во февруари 2023 година, при што остануваат обврските и на Градот Скопје да ја комплетира урбанистичко-планската документација за локацијата во Трубарево и да го завршат процесот на експропријација на земјиштето.

Мета.мк во понеделникот испрати прашања до ЈП „Водовод и канализација“-Скопје како имплементатор на проектот за да праша до каде е постапката за избор на најповолен понудувач што ќе ја гради пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Во финалната фаза влегоа две компании/конзорциуми со своите понуди. Вчера испративме прашања на оваа тема и до Градот Скопје, но досега немаме добиено одговори на поставените прашања.

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела изјави дека Владата работи со свој тим за да ги преземе ингеренциите од Градот Скопје за изведба на неколку капитални објекти, вклучувајќи ја и скопската пречистителна станица, на што реагираше градоначалничката Данела Арсовска која порача централната власт да гледа да ги заврши своите проекти што ги има започнато и недовршено.

Поради тендерот за пречистителната станица за отпадни води, на почетокот на есенва градоначалничката Арсовска се скара и со ВМРО-ДПМНЕ, со чија поддршка беше избрана на функцијата во Град Скопје. Арсовска во септември го разреши од функција директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, бидејќи имала сомнеж дека го мести тендерот. Перински ги негираше ваквите наводи на Арсовска, потенцирајќи дека Арсовска со своето мешање може да го загрози тендерот за реализација на пречистителната станица.

Перински контра Арсовска за Пречистителната станица

Инаку, тендерската постапка за изградба на пречистителната станица за отпадни води беше распишана во јуни 2020 година, а нејзината практична изведба на терен веќе требаше да биде почната годинава. Првичниот краен рок за завршување на изградбата беше 2026 година. Капиталниот објект за Скопје треба да ги прибира отпадните води од околу 500.000 жители на главниот град и прочистени да ги испушта во реката Вардар, со што ќе се надмине проблемот со постојното загадување на речните води.

Реката Вардар е место за фрлање отпад и извор на болести, ќе успееме ли да го прочистиме до 2026 година? (видео)