fbpx

Под урнатините во Тетовско сè уште се трага по двајца исчезнати

-

Македонската армија со кучиња-трагачи и мештаните од село Шипковица, сè уште го бараат телото на шестгодишната Дрита Амети, која загина во поплавите во Тетовско. Потрагата трае и по 61-годишниот жител од Лисец, кому по невремето му се губи секаква трага. Последен пат е забележан како го напасува својот добиток на една од ливадите над селото. Неговата внука е првата жртва што загина во временската непогода. Таа беше пронајдена во Голема Речица. Неговото семејство тврди дека и тој се наоѓа под урнатините во Голема Речица, каде денеска се пребаруваше теренот.

– Не се големи шансите да се пронајде телото. Целото село е затрупано со кал, големи камења и со дрвја. Сепак, нема да се откажеме, нашиот роднина мора да е тука. Тој, од Лисец, откако го зафатило невремето, паднал по планинскиот дол, директно во Голема Речица – изјави роднина на 61-годишниот исчезнат жител од Лисец.

Во Голема Речица денеска беше и пратеникот Џевад Адеми, кој живее во оваа село. Тој изјави дека има уште едно исчезнато лице од Порој, па можно е да се зголеми бројката на жртвите на седум лица, вклучувајќи ги тројцата жители од Шипковица, девојчето од Лисец, нејзиниот исчезнат дедо и исчезнатата шестгодишна Дрита Амети од Шипковица.

Од тетовската полиција велат дека немаат добиено официјална пријава за исчезнато лице од Порој. Доколку има таков случај, може да се пријави, по што ќе следува потрага.

Во Шипковица, каде временската непогода однесе голем број жртви, е расчитен дел од патот што поминува низ селото.

– Работиме 24 часа. Тука се вклучени Армијата на Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување и мештаните. Но, ќе треба да поминат неколку недели за да се расчисти целиот терен, каде има големи наноси од камења и од земја. Потоа треба да го поправиме водоводот за да можеме нормално да се снабдуваме со вода за пиење. Добро е што поголемиот дел од селото веќе доби електрична енергија – изјави Арбен Алили, претседател на Кризниот штаб од село Шипковица.

И во селата Голема Речица и Мала Речица состојбата се стабилизира. Механизацијата отстрани големо количество камења кои ги затрупаа патиштата, тротоарите и речните корита. Во атарите на овие две погодени села, уништена е речиси целата земјоделска површина.

– Тука може има повеќе од 200 хектари. Јас имам околу 15 декари засадени со јагоди и со компири, но тоа веќе е сè уништено. За оваа година, нема да имаме никаков род. Се надеваме дека нивите, наредната година, ќе можеме повторно да ги обработуваме – вели земјоделец од Голема Речица.

Заменик-министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски, кој ја посети Голема Речица, вети помош за настраданите земјоделски семејства.

– Стручни екипи ќе направат процена на штети и семејствата ќе бидат обесштетени. За сточарите што изгубиле стока или храна за добиток, ќе гледаме експресно да ги обесштетиме – изјави Костадиновски.

Коритото на река Пена во Тетово е целосно повлечено. Локалната самоуправа има ангажирано механизација, која ги расчистува јавните површини од кал и од прав, кои дополнително деновиве го зголемуваа аерозагадувањето во градот. Сè уште важи препораката да не се пие водата од градскиот водовод, додека не се добијат микробиолошките резултати од земените мостри од водата од градскиот водовод, кои се испитуваат во Центарот за јавно здравје.

Во Тетово е прогласена дводневна жалост, а голем број манифестации, вклучувајќи го и „Тетовско културно лето“ се откажани.

З.Д.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел возврати со напад врз Иран, Иран не планира да одговори

Израел утрово лансираше воздушен напад во близина на иранскиот град Исфахан, велат американски извори за Си-би-ес, а пренесува Би-би-си. Нападот доаѓа шест дена по нападот на Иран во Израел, кога...