Авионскиот дел најден на островот Рејунион е од исчезнатиот МХ370

Делот од авион што  минатата недела беше најден на островот Рејунион, е од исчезнатиот авион од летот МХ370 на „Малезија ерлајнс“, потврди вечерва малезискиот премиер, Наџиб Разак, јавува „Би-Би-Си“.

Малезискиот премиер соопштил дека меѓународните експерти, кои денеска почнаа со испитувањата на делот во Франција, „со сигурност утврдиле“ дека делот е од исчезнатиот авион.

Испитувањето на делот се врши во аеронаутичкиот центар во близина на францускиот град Тулуз, а парчето од авионско крило на „боинг 777“ беше најдено во средата минатата недела, на островот Рејунион, во Индискиот Океан, неколку стотини километри источно од Мадагаскар.

Разак, меѓу другото, вечерва соопштил дека не може да најде зборови за да ги опише „товарот и неизвесноста низ која поминаа семејствата“ на 239 патници од авионот, во изминатите 515 дена, додавајќи дека сега „имаме физички доказ дека авионот МХ370 трагично се срушил во јужниот дел на Индискиот Океан“.

Авионот на „Малезија ерлајнс“ исчезна во март минатата година, додека леташе на линија Куала Лумпур – Пекинг.