fbpx

Поплавите се резултат на климатските промени, а не на подземни сатански бази

Силните врнежи на дожд кои што ги предизвикаа сегашните, но и претходните поплави се резултат на климатските промени кои го зголемуваат испарувањето и на тој начин повеќе водена пареа доаѓа до атмосферата. Потоплите температури на океаните ги интензивираат тие климатски обрасци, а генерално повисоките температури доведуваат до почести топлотни бранови, пишува Вистиномер

-

Силните врнежи на дожд кои што ги предизвикаа сегашните, но и претходните поплави се резулатат на климатските промени кои го зголемуваат испарувањето и на тој начин повеќе водена пареа доаѓа до атмосферата. Ова, а не подземни сатански бази или Трамп, е причина за поинтензивни врнежи од дожд и поплави во некои области, или поекстремни суши во други, пишува Вистиномер.

Текстот го пренесуваме во целост:

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека поплавите се случуваат затоа што под земјата се наоѓаат сатански бази. Ова не е вистина.

Објаснување за сите поплави… во светот во изминатава година.

Тоа е Трамп .

Многу е поголемо злото отколку што ви изгледа.Следете ја водата..испод земјата се наоѓаат подземни сатански бази – се наведува во објавата

Изминатите денови обилни врнежи од дожд предизвикаа поплави кои зафатија делови од Германија и Италија, а на жителите на погодените области им беше препорачано да ги напуштат своите домови, додека некои се водат како исчезнати. Невремето ги зафати и блиските земји Унгарија и Полска. Во Унгарија, синоптичарите предупредија на значителни врнежи од дожд во наредните денови, а постои загриженост дека порастот на нивото на водата ќе се прошири и на Дунав во Словачка. Секојдневно се зголемува бројот на жртвите, а поплавите сега стигнуваат до Австрија и Унгарија, поради нивото на реката Дунав, кое постојано расте поради врнежите. Всушност, целиот тек на Дунав беше затворен за пловидба поради поплавите.

Во објавата која што е предмет на оваа рецензија се тврди дека поплавите се случуваат, бидејќи постојат подземни сатански бази. Притоа, на објавата е прикачена цртана фотографија на која што се гледа ликот на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп како излегува од голем бран.

Тврдењето дека поплавите се случуваат, бидејќи има подземни сатански бази е во најмала рака бесмислено. Ова едноставно нема никаква логика, ниту, пак, постои било какво објаснување како овие „сатански бази“ предизвикуваат поплави кога поплавите се предизвикани од силните врнежи на дожд кои што траат повеќе денови. Исто така, без никаква логика е тврдењето „Тоа е Трамп“. Што, всушност, значи тоа? Дека Трамп ги предизвикува поплавите? Воопшто нема смисла да се тврди дека било каква временска непогода има било каква поврзаност со еден човек, уште помалку човек кој што е политичар на сосема друг континент.

Силните врнежи на дожд кои што ги предизвикаа сегашните, но и претходните поплави се, всушност, резултат на климатските промени кои го зголемуваат испарувањето и на тој начин повеќе водена пареа доаѓа до атмосферата. Ова е причина за поинтензивни врнежи од дожд и поплави во некои области, или поекстремни суши во други. Потоплите температури на океаните ги интензивираат тие климатски обрасци, а генерално повисоките температури доведуваат до почести топлотни бранови.

Климатските промени, предизвикани од согорувањето на фосилните горива, ја зголемуваат сериозноста на временските настани како поплави, објаснува Јоханес Кваас, метеоролог на Универзитетот во Лајпциг во источна Германија. И тоа е така затоа што влагата што ја содржи атмосферата многу силно се зголемува со температурата.

Еден степен потопло, 7 проценти повлажно!

Капацитетот на воздухот за задржување на влагата се зголемува за 7% со секое зголемување на температурата за 1 степен Целзиусов. Планетарното загревање, исто така, води до побрзо испарување на водата на копно и на море – што последователно предизвикува поекстремни врнежи и посилни бури. Според Меѓународната агенција за енергетика, просечната годишна температура во Германија се зголемила за 1,6 степени Целзиусови, што е побрзо од светскиот просек. Климатските промени ги направија врнежите што доведоа до разорни поплави низ Германија, Белгија и Холандија во летото 2021 година помеѓу 3% и 19% посилни и 1,2 до девет пати поверојатни, според студијата од 2021 година објавена од група меѓународни научници.

Германските метеоролози велат дека неодамнешните катастрофални поплави во земјата се резултат на реткиот временски систем „Vb“, кој се користи од метеоролозите за да се опише редок систем за притисок што може да донесе обилни врнежи и често катастрофални штета за Европа.

Во Европа, времето често е одредено од системи со низок притисок кои се движат низ континентот од запад кон исток. Меѓутоа, во случај на Vb, патеката на системот со низок притисок се менува: Системот со низок притисок се движи кон Средоземното Море поради постудените воздушни маси над Западна Европа. Областа со низок притисок турка многу влажен воздух од медитеранскиот регион покрај источната страна на Алпите и северно преку Чешка и Полска до Скандинавија.

Додека се движи низ Европа, системот со низок притисок предизвикува обилни врнежи – како сегашните поплави во јужна и источна Германија. Медитеранските ниски падови генерално пумпаат топли воздушни маси од Сахара низ источниот Медитеран. Таму, обично акумулираат влага, предизвикувајќи обилни врнежи од дожд во јужноевропските планински области. Ова не само што ги погодува Алпите, туку и Пиринеите, Динаридите, Карпатите и планините Родопи, меѓу другото.

Иако во наредните децении ќе има помалку медитерански минимуми во текот на летото, според метеоролозите, климатските промени ќе предизвикаат загревање на атмосферата, што ќе овозможи зголемена апсорпција на водена пареа и последователни врнежи.

СЗО – климатските промени, фундаментална закана

Според Светската здравствена организација, климатските промени претставуваат фундаментална закана за здравјето на луѓето. Тие влијаат на физичката средина, како и на сите аспекти на природните и човечките системи – вклучувајќи ги социјалните и економските услови и функционирањето на здравствените системи. Климатските промени директно придонесуваат за хуманитарни итни случаи од топлотни бранови, шумски пожари, поплави, тропски бури и урагани и тие се зголемуваат по обем, фреквенција и интензитет, информираат од СЗО.

Но и покрај сите научни докази, широко се распространети наративите исполнети со теории на заговор кои го отфрлаат постоењето на фактори кои влијаат на климатските промени. Едно неодамнешно меѓународно истражување покажува дека во просек, околу 17 отсто од испитаниците ја сметале за вистинита теоријата на заговор дека климатските промени се измама.

Таква теорија на заговор се споделува и во објавата која ја рецензираме која споделува измислици за наводни подземни сатански бази кои што креираат поплави. Затоа, оваа објава ја оценуваме како невистина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бислимоски: Изненадување е и за мене дека ЕСМ ќе ја продава струјата за 60 евра за мегават час

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски изјави дека за него е „изненадување“ дека Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), почнувајќи од 1 јули, ќе ја продава струјата...